Билните чаеви се употребуваат неколку илјади години. Направени од различни билки, тие се вкусни и здрави, а освен тоа служат и за опуштање
Чајот наутро расонува, попладне го чисти и го обновува организмот, навечер опушта, смирува, успива и го олеснува варењето. Во зима загрева, а во лето освежува. За видовите чаеви и нивната подготовка објаснува д-р Јаминка Комненовиќ, педијатар-нутриционист за Yumama.
Главни состојки на чајот
Главни состојки на чајот се кофеин, теобромин и теофилин. Во зелениот чај ги има и витамините Ц, Б1 и Б2. Претставници на антиоксиданти во чајот се флавоноидите, кои дејствуваат против воспаленија, ја зголемуваат отпорноста кон бактериите, а дејствуваат и против вируси што предизвикуваат грип и херпес симплек. Ја подобруваат еластичноста на капиларите и така ја стимулираат циркулацијата, одлично влијаат врз имунолошкиот систем, го забрзуваат метаболизмот, ги ублажуваат симптомите на астма.
Катехините од чајот го намалуваат оштетувањето на ДНК, влијаат врз клетките на нервниот систем и ги штитат мозочните клетки. Полифенолите ја забрзуваат циркулацијата и ја потпомагаат регенерацијата на клетките. Најновите истражувања покажале дека полифенолите во чајот имаат изразено антиоксидантно дејство и дека така го штитат организмот од многу потенцијално опасни болести.
Цинкот во чајот ги спречува воспалителните состојби и го подобрува имунитетот. Селенот има големо антиоксидантно дејство. Поради флуорот, чајот спречува да настане кариес. Исто така, содржи јаглехидрати и протеини.
Видови чаеви:
– Билни чаеви – тие претставуваат инфузија од листови, цветови, плодови, семки, корења, овошје и зачини. Се приготвуваат од свежи билки, за што е потребно минимално процесирање. Содржат етерични масла, кои се лековити, а имаат пријатен вкус и мирис. Не содржат кофеин, па се погодни за деца.
– Чаеви со кофеин. Тука спаѓаат црниот и зелениот чај, кои содржат различно количество кофеин. Колку што е подолга оксидацијата на листовите, толку е поголемо количеството на кофеин. Една шолја може да содржи дури 40-50 мг, па затоа не се препорачува да им се даваат на деца. Овие чаеви потекнуваат од билката Camellia sinensis, а методот на обработка на листовите зависи од видот на чајот. Црниот се добива со сушење на листовите, потоа виткање со специјална постапка за да се отпуштат ензимите и соковите, кои се заслужни за аромата и вкусот.
Потоа листовите се ферментираат и се сушат на контролирана температура. При производството на зелениот чај не се врши ферментација. Белиот чај е подвид на зелениот, се состои од најмладите листови на билката и тој е најблаг.
– Миризливи и зачинети чаеви – се добиваат од црниот чај. Во миризливите само е додадена арома, а зачинетите се збогатени со парчиња овошје и зачини (кора од портокал, орев, цимет). Со оглед на различните услови за производство, црниот и зелениот чај имаат различен хемиски состав, но и двата содржат полифеноли – со докажано благотворно дејство врз здравјето. Сепак, овие чаеви не се за мали деца зашто можат да ја намалат апсорпцијата на железо доколку редовно се консумираат. Црниот чај исто така содржи и танини, кои може да му пречат на процесот на варење кај малите деца.
Подготовка на чајот
Начинот на приготвување на чајот исто така има влијание врз неговото дејство. Прелиен со врела вода и оставен 3 минути, има стимулативно дејство, а оставен 5 минути – смирувачко дејство. Ако чајот се вари во вода и се остави во непокриена шолја, ќе дојде до губење на важните состојки, на вистинскиот вкус и мирис.
– Инфуз. Се добива од билки со понежна структура (листови, цветови) кои содржат термолабилни супстанции, етерични масла. Се подготвуваат така што лажичка од чајот се прелива со врела вода и се остава 5 минути. Најчесто инфузите се прават од билни чаеви (камилица, нане, жалфија, маточина), но и од црн и зелен чај. Ова е англиски начин на подготвување чај. Јапонскиот начин подразбира врелата вода да се излади на 60 степени, па потоа да се прелие преку чајот. Може да се чува во фрижидер 24 часа.
– Декокт. Се добива од корења на билки, семки, кора… Една лажичка се прелива со 200 мл вода и се остава да стои 5 до 10 минути, а потоа на тивок оган се вари 10-30 минути. Се пие топол. Може да стои во фрижидер 72 часа.
– Мацерати. Се прават така што билни делови се прелеваат со ладна вода и се оставаат на собна температура. Вака се подготвува, на пр., бел слез.
За добро здравје
Чајот може да им се дава на бебиња уште од втората недела по раѓањето, особено при грчеви. За таа цел се препорачуваат чаеви од коморач, анасон и камилица. Тие го потпомагаат варењето, го олеснуваат празнењето на цревата, ја регулираат ацидобазната рамнотежа и го редуцираат рефлуксот – враќање на желудочната киселина во хранопроводот.
Коморачот се користи за ублажување на инфантилните колики кај новороденчиња и доенчиња. Тој ја олеснува елиминацијата на гасовите и изметот, а со тоа ја намалува надуеноста. Го подобрува варењето и го забрзува метаболизмот, ги исфрла токсините и вишокот вода од организмот, а го смирува и воспаленото грло. Може да ги ублажи симптомите на конјунктивитис, ако се направат облоги од чај.
Камилицата е позната по смирувачкото дејство и има долга историја на употреба. Се користи за да ги намали грчевите и болките во стомакот кај бебињата. Има противвоспалително дејство. Го олеснува спиењето, ги смирува воспалените непца и нервозниот стомак и ги намалува знаците на настинка.
Циметот има смирувачки ефект и ја зголемува циркулацијата.
Нането има поголемо смирувачко дејство од камилицата и помага при стомачни тегоби.
Шипката изобилува со полифеноли и флавоноиди, кои се скапоцени за организмот. Содржи големо количество на витамин Ц.
Ѓумбирот ги олеснува мачнините и повраќањето.
Жалфијата, освен во кулинарството, се користи за приготвување одличен чај. Тој влијае смирувачки, особено врз системот за варење.
Липата го олеснува дишењето и ги смирува воспалителните процеси на респираторниот тракт.
Совет плус: Чајот мора да се чува на ладно и суво место. Идеални се алуминиумските кутии што може добро да се затворат.