Тина Дамеска (Доковска), психолог, семеен и системски психотерапевт

Тина Дамеска (Доковска), психолог, семеен и системски психотерапевт

„Промедика медикал центар“

Повеќе од авторот

Многу често, додека родителите разговараат за своите деца, ги слушаме како ја кажуваат следнава изјава: „Јас всушност само сакам моето дете да е среќно!“ И тоа е, секако, во најголемиот дел од случаите, жива вистина. Но, дали знаеме што всушност значи да се биде среќно дете?

Да почнеме со основата. Неа секако ѝ припаѓаат основните човекови потреби, односно, условно кажано, да се биде одморен и да се има покрив над глава, да се биде сит и добро хидриран, да се има семејство каде што припаѓаме. На оваа основа понатаму ги градиме темелите на нашиот дом и темелите на односите меѓу сите членови на семејството.
Одиме понатаму. Знаеме дека децата првенствено ги имитираат родителите и возрасните што се грижат за нив. Ако досега не сме го направиле тоа, сега е право време да се запрашаме самите себе, дали тоа ни се допаѓа? Ако тоа не ни се допаѓа, треба да се запрашаме што е она што би го смениле во врска со нас, самите?
Грижата за децата е секако приоритет, но дали можеме да црпиме вода од празен бунар? За да се грижиме за другите, прво мора да се погрижиме за себеси. На крајот на краиштата, децата учат како да се грижат за себе гледајќи нѐ нас, возрасните, како го правиме тоа.

За почеток, да се запрашаме, имаме ли здрави животни навики? Си посветуваме ли време на себе? Вложуваме ли во здрава исхрана и квалитетни оброци? Посветуваме ли доволно време за градење и одржување значајни социјални врски? Одвојуваме ли време во нашите пренатрупани распореди за физичка активност, пешачење, вежбање? Ги одмораме ли умот и духот во природа, па макар тоа и да е најблискиот парк или ливада? Додека чекориме по жицата на животот, важно е да се трудиме да ја постигнеме и да ја задржиме својата рамнотежа. Односно, сѐ додека сите овие значајни животни „полиња“ се присутни во нашето секојдневие и ништо не е занемарено и запоставено, ние ќе се чувствуваме урамнотежени, задоволни и радосни со самите себе.

Бидувајќи изложени на што помал стрес и имајќи пониско ниво на исфрустрираност, истовремено трудејќи се да бидеме што позадоволни од сите мали наши секојдневни напори и успеси, ние сме посмирени и поквалитетни и како родители. Секако, децата секогаш ќе имаат високи побарувања, во смисла на време, финансии и сите други наши расположливи ресурси, но ние сме тие што ја имаат одговорната задача да бидат нечиј пример и модел на однесување и наша обврска е да изнаоѓаме начини кои ќе го подобрат нашето, а со тоа и нивното расположение. Тие ќе го гледаат нашиот начин на справување со стресот и во еден период од својот живот мошне е веројатно дека ќе пробаат да го користат истиот.


Затоа, да им дадеме на нашите деца што повеќе алатки за храбро да чекорат низ животот, чувствувајќи се сталожено, здраво и радосно. Во продолжение следуваат некои од нив кои лично ги сметам за клучни.

Првенствено, да им го подариме на нашите деца она што најмногу го заслужуваат, нашето време преточено во квалитет. Да бидеме вистински тука за нив. Вистински присутни во нивниот свет. Без вклучен ТВ, без мобилен во раката, само ние. Да се запознаеме подобро едни со други. Кои сме, што сакаме, што мислиме, чувствуваме, што сонуваме. На овој начин им го подаруваме навистина најскапоценото нешто, нашето време. Гледајќи и чувствувајќи колку се тие мигови значајни за нас, им помагаме да ја градат сликата за себе.

Второ, да ги создадеме здравите навики! Многу е веројатно дека ќе ги видиме истите како во огледало кај нашите деца. Особено ако со некои лични навики не се гордеете – никогаш не е доцна да се почне од почеток.

Трето, негувајте ги релациите со вашите партнери, однесувајте се со почит и одвојте време едни за други. Децата на тој начин се чувствуваат сигурно, сакано и безбедно. Така им покажуваме како функционира љубовта, заедништвото, бракот. На овој начин и ним ќе им овозможиме време да бидат сами со себе и да учат како полека да се осамостојуваат, без катадневното присуство на нашите сенки врз нив.

Четврто, овозможете им редовна комуникација со другите членови што му се блиски на семејството – баби, дедовци, тетки, вујковци, чичковци, како и блиските семејни пријатели. Така децата го шират својот светоглед, учат нови работи, добиваат нови идеи и со тоа се збогатуваат како личности.

Петто, доколку е возможно, набавете им милениче. На овој начин ќе им помогнете да стекнат одговорност и грижа за друго суштество. Ги учиме како да бидат емпатични и да ја зголемуваат својата емоционална интелигенција.

Шесто, научете ги своите деца како да се грижат за природата, како да рециклираат отпаден материјал и помогнете им да стекнат увид дека на овој начин придонесуваат во унапредување и зачувување на средината во која живеат, но и секаде каде што ќе имаат можност да бидат присутни. Свесни сме за сите еколошки катастрофи со кои се соочува Земјата, а таа е наш заеднички дом. Можеби со своето однесување ќе поттикнат, освестат и научат на одговорност и некое друго дете.

Седмо, уважете ја личноста на вашето дете. Тоа е мал човек кој ќе прерасне во независен поединец и својата вредност ја учи од мали нозе. Покажете им на децата почит и дајте им разбирање, потребно им е да знаат дека се секогаш прифатени и сакани. Во истиот контекст, не заборавајте да употребувате зборови како: благодарам, те сакам, браво, извини, те молам.

Осмо, да ги научиме на истрајност и трпеливост, секогаш кога во нешто нема да се чувствуваат успешно и во, за нас, наједноставните активности – на пример, врзување на врвките од чевлите – да не се потсмеваме на тоа, туку трпеливо да им кажеме: „Ајде да пробаме уште еднаш, следниот пат ќе биде подобро“. На тој начин ги учиме дека успешноста се должи на упорност и практика.

Деветто, да им дозволиме да го развиваат својот внатрешен свет, да им дозволиме да бидат сами со себе, да имаат слободно време, а не пренатрупан дневен распоред како возрасните. На сите ни требаат одмор и воздишка, па и на нашите деца. Да ги научиме како да ги наполнат своите батерии, како да го слушаат својот внатрешен глас, како да ги препознаваат сигналите што им ги испраќа телото и како да се фокусираат на својот здив.

Десетто, да им отвориме повеќе врати во светот, да ги понесеме заедно со нас на саем, изложба, концерт, театар или кино и да им овозможиме да развијат интереси за различни нешта, можеби сосема различни од нашите и да го почитуваме тоа. Да зборуваме со жар за нови места или за некои прочитани книги, веројатно ќе бидеме инспирација и мотивација за да бидат посетени и прочитани.

И на крај, да се потсетиме дека навистина не постои начин да се биде совршен родител, но постојат навистина многу начини да се биде навистина добар родител! Да ги изнајдеме и употребуваме сите оние што се во согласност со нашите уверувања!

Користејќи ги сите претходно наведени „алатки“, ние ги учиме децата како да водат здрав, урамнотежен и исполнет живот. Со растењето на нашите деца, растеме и ние како родители. Да им помогнеме да се чувствуваат благодарно, исполнето и среќно, и да ги научиме како самите во иднина да го постигнуваат истото.



912

X