Со години во јавноста се поставуваат истите прашања поврзани со проблемите со кои се соочуваат децата со аутизам. Многу недоумици има околу разбирањето на аутизмот, околу начинот на образование и обезбедување соодветен третман. Детскиот психијатар, проф. д-р Светомир Бојанин, како што и самиот низ шега вели, речиси 100 години се занимава со овие прашања. Во продолжение се одговорите на некои прашања кои на професорот често му ги поставувале родителите, здруженијата, дефектолозите, новинари…

Прашањето на еден родител кој дошол на советување во врска со своето дете со аутизам било следното:
Дали знаете колку лица со аутизам има? Ве прашувам бидејќи тоа не се знае оти нема регистар. Зошто нема регистар? Како може да се прави стратегија ако немаме регистар?

– Кога ни доаѓа родител на дете со аутизам, со него мора да се прави нешто корисно и соодветно на неговиот проблем. Регистрите со броеви се за министерствата или финансиската управа. Тие треба да мислат на тоа. Важно е да знаеме, но за нашите деца не е пресудно и судбоносно. Поважно е тоа што мораме да им помогнеме така што дефектолог ќе ги научи родителите како да живеат со своето дете, како да го научат на она што детето го може… А државата треба сè да обезбеди.

Дали аутизмот е болест или посебна состојба на личноста?

Аутизмот е последица на дисхармоничен развој чија причина може да биде сè, од рани односи во семејството кои поттикнуваат или забавуваат поединечни структури на личноста во својот развој… или е сè засновано на генски код. Не знаеме зошто настанува. Сите луѓе се посебни, па и оние со аутизам се посебни. Колку што има карактеристични особини меѓу сите луѓе, толку ги има и меѓу луѓето со аутизам. Никогаш не треба да се прават митови од човекови несреќи преку израмнување по некои детали бидејќи тоа само го спречува сеопфатниот пристап и помошта. Аутизмот не може да се „извади со плацентата“ и да се каже: „Еве го, тука е!“, нема таблети, технологија и апарати за „лекување“ на аутизмот. Секој метод што не корисни насилство, кој се заснова на добрина и разбирање меѓу луѓето, е добар метод за аутизам.

Колку деца со аутизам пијат лекови за смирување? Дали е тоа етички кога се знае дека тие лекови предизвикуваат зависност?

Некои вознемирувања кај деца и лица со аутизам мора да се смират со лекови за со нив нешто да може да се работи.

Колку е тешко воспоставувањето на дијагнозата? Кога е време?

Секое сомневање на аутизмот се прифаќа со сериозност и детето задолжително се вклучува во поттикнувачки третман при што дијагнозата се втемелува или се отстранува. Знам деца што доаѓаа со дијагноза на аутизам, а на крајот испадна дека имале само дисфазичен проблем и знам деца кои се упатувани како дисфазија, а втемелен е аутизам. Детството е развоен период каде што на секои 6 месеци се менува природата на детето, во согласност со развојот на неговата структура на личноста, климата во семејството… сето тоа важно ги менува клиничките изрази на секое ментално нарушување.

Какво е вашето мислење за инклузивното образование на деца со аутизам?

Детето со аутизам во редовната настава не добива ништо на сознаен план од она што таму се учи. Нему му е потребна специфична стручна помош да разбере детали и основи на одредени вештини и умеења. Да го разбере животот. Детето во услови на инклузија трпи сосема ненамерни, спонтани повреди на своето достоинство во врсничката група, која и самата има проблем со училиштето, често ги попречува наставниците да го одржат часот по својот план. Детето со аутизам, ако нема чувар или асистент покрај себе, кој, пред децата, не му е ниту малку за углед, често не може да присуствува на настава.

Неодамна имав девојче кое поради својот проблем често изостануваше од настава и имаше и асистент и учителка. Таа одговара по договор со учителката, повлечена е, срамежлива, избегнува деца, има повремено и напади и е на амбулантско лекување. Инаку, има позитивни оценки, помеѓу 3 и 4. Децата ја „мразат“, секој час ја обвинуваат, бараат „правда“ во оценувањето, во изостанувањето. „Зошто таа може сè, а ние не, нас само нè казнуваат?“ – велат во својата жалба до директорот. Родителите ја доведоа кај мене бидејќи врсничката група ја „мрази“ сметајќи дека таа има протекции и дека затоа има добри оценки. Се подготвуваат повторно да протестираат кај директорот „поради неправда и протекција“ во тоа училиште. Тешко е тоа.

Автор: Стеван Несторов

Извор



912

X