Шеќерот денес буквално може да се најде на речиси сите полици во продавниците, особено во производите наменети за деца. Имено, децата се најголеми потрошувачи на додадениот шеќер, без разлика што исхраната богата со шеќер е поврзана со дебелина и срцеви заболувања, па дури и со нарушена функција на меморијата.

Сепак, помалку се знае за тоа како консумацијата на шеќер во детството влијае врз развојот на мозокот, особено на региите за кои се верува дека се исклучително важни за учењето и меморијата. Студијата спроведена на еден вид глодач од страна на научници од Универзитетот во Џорџија, во соработка со истражувачка група на Универзитетот во Јужна Калифорнија, покажала дека секојдневното консумирање пијалаци засладени со шеќер за време на адолесценцијата ја намалува способноста за учење и помнење во зрелоста.

Групата дополнително покажала дека промените меѓу бактериите во цревата може да бидат клучот за оштетувањето на меморијата. Како поддршка на оваа теза, научниците откриле дека слични недостатоци во меморијата биле забележани дури и кога бактериите, инаку наречени „парабактериди“, експериментално биле „збогатени“ во цревата на животните кои никогаш не консумирале шеќер.

„Шеќерот на рана возраст го зголемува нивото на овие бактерии, а колку било повисоко тоа ниво, толку животните полошо извршувале одредени задачи. Откривме дека бактериите сами по себе се доволни да ја нарушат меморијата на ист начин како шеќерот, но исто така нарушуваат и други видови функции на помнењето“, вели Емили Нобл, доцент на „УГА“ колеџот.

Во текот на гореспоменатото истражување на стаорците им бил даден 11-процентен шеќерен раствор, кој е споредлив со комерцијално достапните пијалаци засладени со шеќер. Потоа извршиле задача дизајнирана да ја измери епизодната контекстуална меморија или потсетување на контекстот во кој претходно виделе познат предмет.

„Откривме дека стаорците што консумирале шеќер рано во животот имале нарушена способност да препознаат дали некој предмет е нов во одреден контекст, задача што стаорците кои не консумирале шеќер можеле да ја извршат“, објаснува Нобл. Втората задача ја мери основната меморија за препознавање, односно функцијата на меморијата која ја вклучува способноста на животните да препознаат нешто што виделе претходно.

Извор



912

X