Задачата на Биби не е лесна, таа ќе треба да ги мотивира децата да сакаат, да експериментираат, да откриваат нови работи, да читаат и да пишуваат, да бидат љубопитни и да не се откажуваат, вели Црвенковска

Билјана Црвенковска е писателка, преведувач и уредник на литературата за деца и млади во издавачката куќа „Арс Ламина“, а од неодамна држи и курс за креативно пишување за деца и тинејџери. Автор е на два романа за деца – „Што сонуваше Дедо Мраз“ и „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“, на една стручна книга од областа на семиотиката на митот – „Митски лавиринт“, како и на повеќе сликовници, книги со активности, раскази и песни за деца. Наскоро ќе ја промовира „Канџа во мракот“, првата книга од нов серијал графички романи за деца со наслов ТКЦП, во коавторство со Здравко Гиров. Таа заедно со Сашо Кокаланов е сценаристка на серијата „Зоки Поки“, а е и авторка на приказните за Биби, заштитниот лик на Деца.мк.

Со неа разговараме за Биби, но и за сите други деца, за љубовта, инспирациите, нејзиното детство, семејството, модерните предизвици, но и за тоа како се влегува во детскиот свет

Вие сте автор на приказната за Биби, заштитниот лик на Деца.мк. Ќе ни ја раскажете ли?

– Си беше еднаш едно девојче што се викаше Биби… Да, ова би можела да биде приказна и за мене, затоа што и јас сум Биби, но не е, и искрено ми е криво што не е. Баш би сакала да бев Биби како дете. Бев блиску до неа, но не толку многу паметна и силна… Ха, ха…
Значи, вака: постои едно темпераментно, весело девојче што се вика Биби. Биби е мошне паметна, вистинска сезнајка, која многу сака да чита книги. Сите книги, но најмногу една џиновска (и волшебна) Енциклопедија, со чија помош Биби ги открива сите нешта поврзани со светот околу неа, а потоа се труди да им ги раскаже и на другите деца (што ќе го прави постојано преку Деца.мк).

фото: Кире Галевски

Биби е и силна и храбра, таа секогаш се става во одбрана на децата што се послаби од неа. А и ги одбранува, затоа што Биби има црн појас во карате! (се смее)

Таа сака животни и има специјална способност да ги припитомува… но за тоа ќе откриеме повеќе во некоја друга пригода.

Биби живее во мала куќарка со мал двор полн со цвеќиња, на една мирна уличка каде што возилата не смеат да возат повеќе од 20 километри на час, а детската смеа се слуша од сите страни. Децата тука постојано си играат во дворовите и безбедно возат велосипеди, ролерки, скејтборди и тротинети по обележаните велосипедски патеки, затоа што дури и на толку мала уличка како оваа на Биби има место за велосипедска патека. А бидејќи никој не брза кога вози, и кучињата и мачињата без страв ја минуваат улицата за да стигнат до малото паркче во близина.

Со други зборови, Биби е особено интересен лик кој го смисливме така што сите деца да посакаат да се идентификуваат со него. Да сакаат да бидат Биби, или пак Боби, нејзиното најдобро другарче. Лик кој истовремено ги обожава науката, пишаниот збор, спортовите, уметностите, природата… Искрено се надевам дека сите деца ќе се вљубат во Биби, како што се вљубивме и сите ние што учествуваме во процесот на нејзиното создавање.

Како оваа приказна ќе се развива понатаму?

– Ова е само почеток на приказната и верувам дека дури сега следуваат вистинските авантури на Биби, нејзините родители, нејзиниот другар Боби, како и други интересни ликови за кои сè уште е рано да се зборува. Планираме цела серија кратки анимирани филмови за Биби, кои ќе бидат истовремено и едукативни и забавни, а и повеќе интересни и интерактивни печатени изданија што ќе нудат корисни содржини за децата и за родителите.

Задачата на Биби не е лесна, таа ќе треба да ги мотивира децата да сакаат да откриваат нови работи, да прават експерименти, да читаат и да пишуваат, да бидат љубопитни и да не се откажуваат. Ова е исклучително важно во време кога децата сѐ помалку читаат, сѐ помалку се мотивирани да учат, а содржините што вообичаено им се понудени се здодевни, комплицирани, застарени… Биби ќе се обиде на забавен начин да ги внесе во светот на науката, литературата, уметноста… и да ги задржи таму, внатре.

фото: Кире Галевски

Освен со едукативниот и мотивациски момент, Биби ќе треба и да помогне во уште еден тежок процес кој е мошне важен во содржините наменети за деца, а тоа е развивањето на емпатијата. Сведоци сме на сѐ поголема бесчувствителност и немање емпатија кај децата и тинејџерите. Малтретирање животни, насилничко однесување кон други деца, исмевање и навредување на соучениците… да не зборуваме за инклузијата на децата со посебни потреби, која кај нас е на најниско можно ниво. Ако детето од мало доаѓа во допир со содржини кои ќе разбудат кај него повеќе емоции и ќе направат да сочувствува со ликовите во приказните, таквите појави ќе бидат сѐ поретки. Воопшто не ги оправдувам родителите што ги „штитат“ децата од негативните емоции, сервирајќи им само весели и забавни содржини, а не и страшни и тажни приказни. Со тоа прават огромна грешка која може да придонесе детето да порасне во возрасна личност која не ќе умее да сочувствува со другите. Токму затоа Биби ќе ги учи децата на добри особини: да застанат во одбрана на другарче, да ги прифатат различностите, да сакаат животни…

Автор сте на многу детски суперликови. Од каде ја црпите инспирацијата за нив?

– Обично инспирацијата ја наоѓам прво во себе, а потоа во други деца. Во сите мои ликови има огромен дел од мене, но содржат и интересни особини што сум ги забележала кај многу други деца. Се трудам секое дете да пронајде нешто со што би се идентификувало во секој лик што го креирам. Сега добивам дополнителна инспирација преку курсот за креативно пишување што го држам со група прекрасни деца. Тоа искуство е вистинско богатство, нешто што секој писател за деца мора да го доживее.

Создавањето приказни за деца е многу специфично зашто тие треба да бидат забавни, едукативни и разбирливи…

– Создавањето приказни за деца е мошне тешка работа, да не речам многу потешка од пишувањето за возрасни. Не само поради тоа што треба истовремено да направиш нешто што ќе биде и интересно и привлечно за денешниве деца, што е огромен предизвик во светот на интернет во кој живееме, туку и поради тоа што преку таквите интересни и впечатливи содржини треба да направиш многу повеќе. Да ги едуцираш, да ги научиш на вистинските вредности и, секако, тоа да го направиш на јазик и стил кој децата ќе го прифатат. Предизвикот е голем, но не прифаќам ништо помалку од тоа. Колку повисока цел, толку поинтересно.

Која е Билјана приватно?

– Хммм, вечно дете, мачкарка, добра маќеа во едно откачено, модерно семејство, велосипедистка, планинарка, трчачка, вљубеничка во природата… и секако, писателка, бидејќи тоа си цело време, или не си.

Сметам дека сум многу едноставна личност, пред сѐ затоа што не барам многу од животот. Им се радувам на малите нешта. Ги обожавам природата, планините и патувањата. Секој миг го користам да избегам од градот и да одам на некоја тура во планински велосипедизам, планинско трчање, планинарење… Последниве години заедно со мојот партнер Кире посериозно се посветивме на овие спортови. Тоа комплетно ми (ни) го смени животот. Ако претходно имаше некоја дупка, нешто што можеби ми недостигаше и ме правеше несреќна, сега таа дупка е пополнета и можам слободно да кажам дека сум среќен човек. Ако почувствувам дека не ми е добро, веднаш бегам во планина, па макар и во шумите на Водно, и сѐ си се враќа на место.

Покрај планините, кога сум дома, времето го поминувам во читање со добро кафе или добар чај, гледање серии и филмови и галење и играње со мојот мачор Макс. Едно меко, немирно, преслатко топче кое го вдомивме пред точно пет години и постојано нѐ радува и ни ги грее срцата.

 



912

X