Овој пат, драги другарчиња, ќе ви ги споделам своите впечатоци од една мошне необична бајка од еден врвен автор во книжевноста, Џорџ Мекдоналд. Делата што во својот писателски живот ги создава Мекдоналд се книжевни класици. Тоа значи дека го надживеале своето време на создавање и дека и ден-денес се исто толку, па дури и повеќе, читани и популарни како некогаш. Затоа, кога другпат ќе слушнете за некоја книга и за автор дека се класици, да знаете дека нема промашување кога станува збор за нивната вредност (и дека пожелно е да ги прочитате!).
Деновиве ја прочитав бајката „Лесната принцеза“ од споменатиот автор и веќе ѝ го дадов епитетот „необична“. Не дека оваа бајковита приказна отстапува од формулата за создавањето бајки, само, некако ми се виде поинаква, посвоја во содржината. Како што можете да претпоставите, централна фигура е една принцеза. Таа принцеза е долгоочекуваното дете (и единствено) во семејството на еден крал и една кралица. И затоа што е толку чекано и пекано, кралот и кралицата подготвуваат гооолема прослава по повод нејзиното раѓање. Но, како што се случува, од преголема возбуда и расеаност, кралот заборава да ја покани својата сестра – принцезата Невиделина. Погодувате што се случи следно. Невиделина, инаку многу пакосно суштество, ја проколнува својата внучка со зборовите:

„Да има лесен дух
лесен да е секој дел од нејзиното тело
рацете да ѝ се полесни од воздух
и на родителите да им го скрши срцето цело!“

Толку требаше за малата принцеза да ја фати силната магија од тетка си и да ја загуби гравитацијата (кој си учел физика ќе си знае што значи тоа, а тие што уште не учеле – еве им еден краток вовед за да се прават важни на првиот час по физика за гравитација: тоа е природна појава што им дава тежина на предметите и што ги држи цврсто на земјата).
Се разбира, како што за секој отров постои и противотров, така и за магијата постои „оп стоп, не важи повеќе“. За да прекине магијата во случајот со нашата принцеза, потребно е таа да пролее солзи (што е многу тешко зашто дел од проклетството е таа никого да не сфаќа сериозно и постојано да се смее како зелена). Ете ја првата необичност на оваа бајка, како што ви споменав. Наместо бакнеж од некој убав принц, како што вообичаено се случува во бајките, тука се потребни сериозни солзи за да се пресечат злите клетви.
Но, сепак, ништо не се може без еден принц во бајковитите приказни [што е неправедно кон еден дворски шут, на пример. Еве, можете вие да напишете некоја бајка во која херој ќе биде дворскиот шут ?]. Се разбира, и во оваа приказна за разлетаната принцеза, принцот игра клучна улога. Тој е убав, умен и вистински поет:

„Убавице како лебед бела
крени ги очите твои,
и истерај ја ноќта цела
со моќта на очите твои (…)“

Освен тоа, тој е исклучително храбар и многу вљубен… Покрај ваков арсенал, нормално дека ниедна магија не си може. Така и оваа што ја опседнала принцезата.
Во ова книже има сè што ви треба за да не жалите дека сте изгубиле драгоцено време читајќи нешто неинтересно: хумор, необичен заплет, уште понеобичен расплет, убави реченици, мудросетки (гледате, дури и збор измислив од што уживав во читањето: мудрост + досетки = мудросетки)… Плус, оваа е од оние книги што имаат скриено богатство, а кое не се отскрива само од едно читање. Среќно! ?



912

X