д-р Андреа Николова-Пауновиќ, матичен лекар

д-р Андреа Николова-Пауновиќ, матичен лекар

Поликлиника „Жана“ во Неготино
е-пошта: poliklinika.zana1@yahoo.com
тел. 075 555 512

Повеќе од авторот

Ангина или акутен тонзилофарингитис е акутно воспаление на слузницата на грлото. Се разликува од акутниот ринофарингитис по недостиг на знаците на акутен ринитис. Главен симптом на ангина е болка во грлото, особено при голтање. Кај малите деца и доенчињата кои не знаат да ја локализираат болката, прв симптом може да биде одбивање храна.

Морфолошки, ангината може да биде: катарална, некротична, нодуларна и везикуларна. Етиолошки причинител е обично Бета-хемолитички стрептокок и голем број респираторни вируси: аденовируси, коксаки, параинфлуенца и други.

Кај голем број деца без наод од микробиолошки брис не може со сигурност да се докаже дали е бактериски или не причинителот на оваа болест. Клиничката слика на стрептококната ангина започнува со брз почеток, болка во грлото при голтање, температура над 39 степени, мачнина, главоболка, болка во стомак и повраќање. При преглед се гледа силно црвенило на грлото, едем на увула и мекото непце, зголемени тонзили препокриени со гноен ексудат.

Најдобра дијагноза е со позитивен бактериски наод на Бета-хемолитички стрептокок со антибиограм. Соодветно на тоа треба да се прима антибактериска терапија, која би спречила доцни, несептични компликации, како што се: ревматска треска и акутен гломерулонефритис.

Вирусните ангини можат да бидат со истите симптоми како и стрептококните, но почетокот не е толку нагол. Локалните видливи симптоми почнуваат 24 часа по општите симптоми. Тонзилите може да се само отечени, лимфните јазли обично не болат при допир, плус постои секрет од нос и кашлица. Лекувањето е обично по антибиограм со пеницилински препарат, или еритромицин – макролиди – за алергичните пациенти на пеницилин за стрептококната ангина. Додека за вирусната ангина се спроведува општа и симптоматска терапија, мирување, антипиретици и примање доволна количина течности.

Сè почести се случаи на ангина во периоди кога не би требало да се појавуваат, има и нетипчни случаи кај многу мали деца, и во мешани инфекции (на пример, ангина и во исто време акутен бронхитис).
Поради болката во грлото, децата не јадат и одбиваат храна. Родители, не форсирајте ги да јадат, повеќе ги вознемирувате така. Давајте им низ игра почести, но мали оброци и повеќе течна храна, како и почесто да пијат течности.
Редовно јавувајте се на лекар за кој било симптом што ќе се појави. Навреме донесено дете побрзо оздравува и полесно ја поминуваме и ние со вас оваа болест.

 



912

X