Архитектите сметаат дека овој објект не е институција во класична смисла, туку дека претставува имагинативно дизајниран простор кој овозможува развој на детската креативност.
Светло обоени и закосени форми ја карактеризираат новата предучилишна установа во чешкиот град Ричани, едно од поголемите предградија на главниот град Прага, за кое проектот го потпиша студиото „Архитектура“.
Дизајнот на градинката „Ветрник“ е заснован на детството, со концепт кој има цел да евоцира разиграност и спонтаност, токму поради тоа проектот опфаќа облици кои личат на шатори.
Оваа институција содржи вежбалница, градина, игралиште и училници распоредени во блокови со различни бои, кои се разгрануваат од централната бела структура.
„Основата на неправилната форма се потпира на отсуството на геометрија во умот на детето, како и на различно воспоставениот поредок, на разиграноста и спонтаноста“, изјавил директорот на студиото „Архитектура“, Дејвид Краус. Секој од блоковите со светли бои содржи една училница, додека другите објекти се наоѓаат во главната бела „коцка“.
Архитектите истакнуваат дека децата им биле инспирација, односно нивните игри, движења, визии, како и нивните пропорции. Детската спонтаност, неорганизираност, непредвидливост, чистота, љубопитност и оптимизам влијаеја врз дизајнот.
Влез кој личи на вселенски брод
Градинката има влез кој личи на вселенски брод и оваа зона се наоѓа покрај „жив ѕид“ за кој архитектите од Прага се надеваат дека ќе расте и дополнително ќе се прошири. По минувањето на влезот, посетителите и учениците ги пречекува атриумот кој се наоѓа во белата централна зграда. Во рамките на оваа структура се наоѓаат и канцелариски простори и други практични објекти. Зоната под мрежата може да се користи како простор за организирање театарски настани и изложби.
Интересен елемент во оваа зона е големата мрежа која се потпира на четири дрвја.
Од атриумот се разгрануваат индивидуални училници кои се поврзани со градината. Училниците, благодарение на масивните прозорци, имаат многу природна светлина.
Пејзаж на детска фантазија
Просторот за игралиште, кој беше проектиран веднаш до објектот на градинката, моментално е во изградба, а архитектите се надеваат дека кога ќе биде готов, ќе биде простор исполнет со природа и катализатор за имагинативни игри.
„Најголемиот напор беше добро да се дизајнира дневната соба која ќе биде полна со забавни атракции, рампи за качување и која ќе биде еден вид детски фантастичен пејзаж, а можеби дури и забавен парк. Сакавме да создадеме објект за деца кој не е институција, туку разигран и овозможува развој на креативноста“, додал Дејвид Краус.
Автор: Анѓела Алексиќ
912