Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Мојот син има 2 години и 5 месеци. Ние сме тројазично семејство, јас сум од Македонија, мажена за Романец и живееме во Романија, а дома зборуваме на англиски. Но, едните баба и дедо зборуваат романски, а другите македонски. Син ми зборува по малку англиски, не колку што е нормално за дете на негова возраст. Кога има големи емоции, лутина, бес, возбуда, срам, не знае да се искаже и почнува дa гризе брутално, или себеси или мене. Пред еден месец зборував со психолог кој ми кажа дека тоа се случува поради негова неможност да се изрази и да му направам таблица со емоции и цело време да му зборувам дека лут и дека е ок да бидеш лут, сите сме лути некогаш… Ми рече дека тоа е нормално кај деца на негова возраст кои имаат проблеми со изразувањето. Тоа почнува да помага, но сѐ уште трае. Бев и на логопед, кој ми кажа дека со оглед на тоа дека сме тројазично семејство, а во септември ќе почне да оди во градинка, не е проблем додека не наполни 3 години. Ми рече на 3 години и 1 ден ако неговите фрустрации продолжат, да се обратам повторно, да почне со третман. Искрено, последните неколку пати го плеснав по раката кога се гризеше прејако и се исплаши. Но сега кога ќе му кажам дека ќе го плеснам, повторно се гризе. Каде грешам? Кое е вашето мислење за овој проблем?
ОДГОВОР: Разбирам дека сте вознемирени поради однесувањето на вашето дете, но нормално е да поминува во овие фази бидејќи сѐ уште е многу мал и дури сега почнува да учи и да го открива светот околу себе.
Развојот на емоционалните и комуникациските вештини на детето во првите неколку години од животот е фасцинантен. Како што детето расте, претрпува неверојатна трансформација во способноста да се изрази, да ги разбере другите и да се движи низ светот на човечките емоции.
На тригодишна возраст емоционалниот развој на детето значително напредува. Тоа сега е способно да искуси еден широк спектар на емоции, од радост и возбуда до тага, гнев и страв. Овие емоции можат да бидат поттикнати од различни фактори, како што се околината, интеракциите со другите и промените во рутината или распоредот. Како што станува посвесно за своите емоции, детето почнува да ја развива способноста да ги регулира емоциите и да управува со нив.
Покрај тоа што доживуваат низа емоции, тригодишните деца стануваат и повешти во соопштувањето на своите чувства на другите. Тие учат како да го користат јазикот за да ги изразат своите мисли и емоции, а може да користат и невербални знаци, како што се изрази на лицето, говор на телото или тонот на гласот. Полека стануваат повешти во разбирањето и толкувањето на емоциите на другите околу себе, на родителите, поблиските луѓе околу нив.
Една од најзначајните пресвртници во емоционалниот развој на тригодишното дете е појавата на емпатија. На оваа возраст децата почнуваат да развиваат чувство на емпатија и почнуваат да покажуваат грижа за чувствата на другите. На пример, да прегрнат некој што е тажен или плаче, се смеат и среќни се кога некој се радува итн.
Иако децата на оваа возраст прават голем напредок во нивниот емоционален и комуникациски развој, сепак, тие не се толку многу развиени за да може детето полесно да се соочува и изразува. Поради овие причини, се појавуваат интензивни емоции со кои имаат тешкотии да го регулираат своето однесување како одговор на овие емоции и да се изразат и искажат, за тоа што сакаат, што не сакаат, што бараат итн.
Вие веќе сте разговарале со психолог и ви се дадени некои насоки во врска со тоа во која фаза на развој е вашето дете и на кој начин да ги рефлектирате неговите чувства и да му помогнете полесно да се изразува.
Кога детето е исфрустрирано од неможноста да се искаже или да го побара она што го сака, тоа преминува кон други примарни начини на изразување, како гризење, удирање, фрлање, плачење. Значи, без разлика дали детето живее во билингвална средина или не, тоа природно ги има овие тешкотии.
Од друга страна, вие сте богати со можноста вашето дете да е изложено на многу јазици во исто време и да ги усвојува како свој мајчин јазик.
До својата 5. година децата го усвојуваат другиот јазик многу лесно, но најважно е да се биде доследен, да се третира секој јазик како целина. Значи, да се договорите, на детето доминантен му е англискиот ако постојано така зборувате, а другите јазици ќе ги усвојува од бабите и дедовците и средината во која е. Кога ќе оди во градинка, ќе биде природно принуден уште повеќе да го усвојува јазикот кој таму ќе се употребува бидејќи е од клучно значење за стекнување другарчиња, да биде прифатен, да се вклопи. Емоционалната врска е она што нѐ прави подобри во учењето на јазикот. Поради тоа, смирете се, неговите реакции се развојно нормални, а вие полека, со регулирање на своите емоции и фрустрации, ќе можете да го подржувате вашето дете во развојот.
Колку посмирени ќе бидете вие, толку подобар и пофлексибилен однос ќе имате со вашето дете, а и тоа воедно ќе се чувствува посигурно и разбрано.
Нема потреба од удирање, во тие ситуации тргнете му ја раката, повторувајте му дека тоа не се прави и не е дозволено… и пак рефлектирајте и зборувајте која потреба во тој момент не му е задоволена.
Воспитувањето и растењето на детето во повеќејазична средина може да биде предизвик, но може да биде и неверојатно добро. Развојот на вашето дете е процес кој бара време и трпение, а вие како родители играте клучна улога во помагањето на вашето дете да се движи низ овој процес, обезбедувајќи му средина полна со љубов, поддршка и трпение.
Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912