Дозволувањето на децата да гледаат телевизија и содржини на таблети може да ги наруши нивните достигнувања на училиште и емоционалната благосостојба подоцна, покажува истражување.
Истражувачите откриле дека зголеменото користење на екраните во текот на детството е поврзано со полошо извршно функционирање кога детето ќе наполни 9 години. Извршните функционални вештини се ментални процеси кои ни овозможуваат да планираме, да го фокусираме вниманието, да запомниме инструкции и успешно да жонглираме со повеќе задачи, според Центарот за развој на детето на Универзитетот „Харвард“.
Тие извршни функционални вештини се важни за спознанието на повисоко ниво, како што се емоционалната регулација, учењето, академските достигнувања и менталното здравје, според студијата. Тие влијаат врз нашиот успех социјално, академски, професионално и во тоа како се грижиме за себе, вели д-р Ерика Чијапини, доцент по психијатрија и бихевиорални науки на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Балтимор.
– Иако овие когнитивни процеси природно се развиваат од детството до зрелоста, тие се исто така под влијание на искуствата што ги имаме во нашиот развој – вели Чијапини.
Резултатите ги поддржуваат препораките на Американската академија за педијатрија, која го обесхрабрува времето поминато пред екрани пред 18 месеци, со исклучок на видеоразговор, вели д-р Џојс Харисон, вонреден професор по психијатрија и бихевиорални науки на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Џонс Хопкинс“.
Студијата ги разгледа податоците од истражувањето „Растење во Сингапур кон здрави исходи“, кое испитувало 437 деца кои биле подложени на електроенцефалографија (ЕЕГ), скенирања кои се користат за прегледување на нервните патишта на когнитивните функции во мозокот, на возраст од 1, 18 месеци и 9 години.
Родителите го пријавиле времето поминато пред екранот на секое дете, а истражувачите откриле дека постои поврзаност помеѓу времето поминато пред екранот во детството и вниманието и извршната функција на 9-годишна возраст.
Сепак, треба да се направат дополнителни истражувања за да се утврди дали времето поминато пред екран предизвикало оштетувања во извршната функција или дали има други фактори во околината на детето кои придонесуваат за тоа.
912