Пишувањето есеј е градење и искажување аргументиран личен став по одредено општествено прашање. Особено ако ви се укаже можност да го направите тоа во светски глобални рамки и притоа жирито ве награди за вашето размислување, тоа јавно ќе одекне помеѓу младите во целиот свет, вели предметниот наставник по германски јазик Стефан Симовски, кој 12. година ги мотивира учениците да се вклучат во глобалниот реномиран натпревар
Лара Станчева, Тамара Ѓоќеска и Атанас Стаматовски од ООУ „Лазо Трповски“ од Скопје, под менторство на предметниот наставник по германски јазик Стефан Симовски, учествуваа на Меѓународниот литературен натпревар за млади во Токио, Јапонија, на кој досега училиштето има освоено три награди.
– На меѓународниот литературен натпревар за млади годинава учествуваа околу 20.000 учесници од 152 земји со есеи на зададената тема од страна на организаторот „Моите вредности“. Последните три години, со оглед на ковид-мерките, натпреварот не само што се одржува онлајн туку и свечениот чин на врачувањето на наградите се одвива преку видеоврска. Натпреварот е во организација на УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио, Јапонија, и се одржува во рамките на одбележувањето на „Деценијата на Обединетите нации за одржлив развој на образованието“. Овој глобален проект се реализира од 2020 до 2030 година и во него активно се вклучени сите земји членки на УНЕСКО. Покровител на натпреварот е министерот за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија, нѐ информира професорот Стефан Симовски.
Ја претставуваат Македонија во светот
Лара, Тамара и Атанас, согласно пропозициите на натпреварот, учествуваа организирано преку училиштето со свои есеи на темата „Моите вредности“. Есејот не смееше да содржи повеќе од 700 збора и мораше да биде напишан на еден од четирите јазици зададени од страна на организаторот (германски, француски, англиски или јапонски), споделува професорот.
ООУ „Лазо Трповски“ има долга традиција на учество на овој натпревар, а годинава, 12. пат едноподруго, учествуваше на Меѓународниот литературен натпревар за млади во Токио, Јапонија, на кој досега има освоено три награди во 2015, 2016 и минатата 2021 година кога го постигнавме најголемиот успех на натпреварот.
– Имено, Лара Станчева го освои третото место во својата возрасна категорија (деца до 14 години). На тој начин Лара првпат на Македонија ѝ донесе пласман на пиедесталот. Децата сѐ повеќе се мотивираат да пишуваат. Кога зборувам од перспективата пред дванаесет години (од првото учество во 2011 година) и сега, се разбира дека условите денес се разликуваат. Многу е полесно да работите и мотивирате кога зад себе веќе имате релативно долга традиција на учества, успех и стекнат рејтинг. Учениците ги мотивира првенствено тоа што со учеството на овој натпревар ја претставуваат Македонија во светот. Имено, на овој натпревар секоја година организирано учествуваат учесници и училишта од целиот свет. Со тоа овој натпревар претставува своевидна „олимпијада“ за есеи.
Мотивација претставува несомнено и тоа што Општина Карпош изминатава деценија ги вреднува постигнувањата на учениците од општинските основни училишта на меѓународни натпревари со светско реноме, што не е случај и со единствената надлежна институција во Македонија која треба најмногу да се грижи за образованието, Министерството за образование и наука – споделува нашиот соговорник.
Конкуренцијата на натпреварот е многу силна
Не е едноставно да напишете есеј на стриктно зададена тема на македонски јазик, а камоли на странски јазик, вели професорот Симовски.
– Обидете се и ќе сфатите дека тоа е енормно тешко, па дури и ако одлично го познавате јазикот на кој треба да пишувате. Никогаш не можете да знаете што точно стручното жири ќе вреднува и дали ќе успеете да ја доловите претставата што треба да ја дадете за одредена тема, па колку таа и да ви изгледа дека е воопштена. Едноставно секогаш на учениците им велам дека имаат доволно време, дека не мора да брзаат, дека прво треба убаво да ја осмислат темата и идејата, па дури потоа да пишуваат исклучиво од своја лична перспектива. Никогаш не им зборувам за тоа во каква силна конкуренција ќе се најдат, туку секогаш им давам насоки кои ќе ги мотивираат, особено за тоа дека имаат несекојдневна и ретка можност да бидат дел од глобален реномиран натпревар и да творат на иста тема со врсници од целиот свет – вели Симовски.
Организаторот – мировната фондација ГОИ од Токио, Јапонија во соработка со УНЕСКО секоја година на почетокот на март ја објавува темата. Учениците некаде до средината на мај имаат можност целосно да го завршат есејот.
– Се разбира, темите што ги задава организаторот не секогаш кореспондираат со актуелните општествени состојби во Македонија. Тоа, се разбира, покрај јазичната бариера, може да претставува извесна пречка. Целта е колку што е можно повеќе ученикот да навлезе во проблематиката што ја налага темата. Конкуренцијата на натпреварот е многу силна. Изминативе 12 години најмалиот број земји-учеснички бил 144, а најголемиот 161. Годинава на натпреварот учествуваа околу 20.000 учесници од 152 земји. Организаторот доделува само три награди во двете возрасни категории (деца до 14 години и млади од 15 до 25 години) и 25 пофалници и награда за најдобро училиште на натпреварот. Во таква конкуренција енормно е тешко да дојдете до висок пласман. Оттука, трите досега освоени награди во 2015, 2016 и освоеното трето место на Лара Станчева во 2021 година претставуваат огромно признание не само за училиштето, туку и афирмација за Македонија во светски рамки. Пишувањето есеј е градење и искажување аргументиран личен став по одредено општествено прашање. Особено ако ви се укаже можност да го направите тоа во светски глобални рамки и притоа жирито ве награди за вашето размислување, тоа јавно ќе одекне помеѓу младите во целиот свет – категоричен е професорот Стефан Симовски.
912