Од почетокот на пандемијата сè повеќе деца се несреќни или поради училиштето или поради нивните животи воопшто, покажуваат истражувањата.

Во учебната 2019/2020 година приближно едно од осум деца на возраст од 10 до 15 години било незадоволно од училиштето, според податоците анализирани од „Чилдрен сосајети“, а 6 отсто биле незадоволни од нивниот живот во целина.

Според психологот Сузи Ридинг, ваквиот пад на благосостојбата е нормален одговор на пандемијата, време кога работите не се одвиваа нормално, а нашите деца беа изложени на стрес.

– И децата доживуваат емоции. Родителите се под притисок и потребно ни е колективно обновување. Многу родители сметаат дека не можат да им бидат терапевти на нивните деца, а и не треба да им бидат. Но, можат да им помогнат така што ќе седнат и ќе разговараат со нив за нивните чувства и ќе ги остават да се изразат – вели таа.

Кои чекори можат да ги преземат родителите за да им помогнат на своите деца да бидат посреќни?

Дајте им приоритет на одморот, сонот и релаксацијата

Сите знаеме дека одморот е важен по напорен ден, но можеби не ги охрабруваме децата да имаат квалитетен одмор. Треба да се фокусираме на добриот сон и одењето на спиење во време соодветно на возраста.

– Одморот и спиењето се добри и за возрасните и за децата. Треба предност да се даде на опуштањето, релаксацијата, длабокото дишење и поттикнувањето свесност. Ако ги научите децата за важноста на овие работи и нивно вклучување во нивната рутина, може да ја подобрите нивната севкупна благосостојба – истакнува Ридинг.

Поттикнете отворен дијалог за училиштето

Тешко е да ги натерате децата да зборуваат за училиштето, но ако слушнете дека не се задоволни, Ридинг предлага да ја истражите достапната поддршка и да одржувате отворени линии на комуникација со наставниците на вашите деца. Според искуството на психологот, работите што ги загрижуваат децата често излегуваат на виделина пред спиење, па добро е ваквите моменти во денот да се користат за разговор со децата.

Моќта на природната средина

Ридинг предлага да излезете со вашите деца, да ги научите како да се грижат за себе, да ги поттикнете да вежбаат и да се хранат добро.

Дајте им простор да се откажат

Животот е брз и луѓето се уморни затоа што веќе немаат време за ист број задачи како порано. Дури и децата го чувствуваат тоа.

– Прашајте ги вашите деца што навистина сакаат да прават и оставете ги да ги прават работите поинаку доколку сакаат – вели Ридинг.

Бидете навистина присутни

На децата не им треба секогаш многу време со родителите, но им е важно вие навистина и целосно да бидете присутни. Затоа, во времето што го поминувате со вашите деца, оставете ги телефоните настрана и фокусирајте се на вашето дете и на она што го правите заедно. Ќе ви се допадне и вам.

Извор



912

X