Родителите се тука да ги дисциплинираат децата, а бабите и дедовците да ги разгалат. Тоа е реченица која сигурно сте ја слушнале многу пати, но дали е вистина? Без оглед на тоа што бабите и дедовците се важен дел од животот на нивните внуци, некои од работите што тие упорно ги прават можат да ги саботираат родителите.
- Не ги почитуваат правилата
Поставувањето разумни граници и спроведувањето правила е важен дел од секое родителство. Затоа, воопшто не е лесно доколку бабите и дедовците ги игнорираат овие правила и не ги почитуваат. Прекршувањето на родителските правила можеби им изгледа смешно или невино, но децата може да го толкуваат тоа како дозволено однесување.
- Купуваат прескапи подароци за нивните внуци
На бабите и дедовците им е тешко да одолеат на желбата да им купат скапи подароци на своите внуци, па затоа најдобро е да се консултираат со нивните родители пред да им купат нешто. Наместо да им подаруваат скапи подароци, психолозите препорачуваат да направат нешто со нивните внуци во кое ќе уживаат и што ќе им остане во убав спомен. Материјалните работи доаѓаат и си одат, а спомените остануваат засекогаш.
- Фаворизираат одредени внуци
Ова е една од работите што често се случува со бабите и дедовците кои имаат повеќе внуци. Најчесто ги разгалуваат првите внуци, а потоа не можат истото да го прават со другите. Исто така, вообичаена грешка е фаворизирањето на едно внуче, па сите други ги споредуваат со него – кога првпат почнало да оди, кога ги кажало првите зборови, кога престанало да користи пелени или кое од внуците има подобри оценки. Ова лошо однесување може да влијае врз самодовербата на детето.
- Им даваат премногу благо
Бабите и дедовците често велат дека уживаат во детството на нивните внуци. Тие не треба да се грижат за строгите правила, како здравата исхрана, ниту пак да ги забрануваат слатките. Токму тоа го прават погрешно бидејќи на тој начин го „поткопуваат“ авторитетот на нивните родители и го саботираат нивното воспитување.
- Ги озборуваат родителите пред внуците
Без разлика дали бабите и дедовците се согласуваат со одлуките на родителите или не, тие треба да ги почитуваат и никогаш да не ги озборуваат пред децата. Така, тие само ги учат своите внуци да не ги почитуваат родителите, а тоа секако не е нешто што би сакале.
912