Училишната година почна со недостиг на учебници, високи цени на училишниот прибор, немање храна во некои училишта…, но постои еден проблем кој се провлекува со години – работното време на родителите не соодветствува на работното време на дневниот престој.
„Морав да дадам отказ за да барам работа само прва смена, нема кој да ми го земе детето од училиште.“
„Татко ѝ излегува, па ја носи кај него на работа додека да му заврши работното време“. „Излегувам порано, но под голем притисок зашто работното време ми е до 16.30. Да се има предвид и времето на одење и враќање на родителите до и од работа. Не само работното време од 8 часа.“
„Наставничките постојано напоменуваат дека децата долго седеле во училиште, како ние да сакаме да седиме на работа“.
Ова се само дел од одговорите на анкетата што ја спроведе Деца.мк – Кој ви ги чува децата додека сте на работа?, на која одговорија 150 родители.
Најголем процент од родителите имаат деца од 5 до 7 години (55,3 отсто) и од 7 до 9 години (30,7 отсто) кои не можат да седат сами до 17 часот додека да се вратат родителите, ниту пак да си дојдат дома со оглед на тоа дека повеќето треба да префрлат многу фреквентни раскрсници.
Баби, дедовци, комшии, дадилки – кој стигне ги зема децата од училиште
Иако во повеќето училишта има дневен престој или дежурна училница (64 отсто), ретки се тие што ги згрижуваат децата до 17 часот. Во повеќето одговори родителите наведуваат дека мора да ги земат децата во периодот од 14:30 до 15:30 часот иако работното време на 42 отсто од нив е од 14 до 16, на 30 отсто е од 16 до 18, а 28 отсто работат во смени.
„Мора да го земе постарата сестра, која е исто така е малолетна, има 10 години, Наставниците треба да одат на работа прва и втора смена, по 8 часа, како секој нормален човек“, вели една мајка.
„Ако нема кој да ми го земе, излегувам од работата, но шефот се лути и ми карти од платата.“
Голем дел се снаоѓаат така што им ги земаат баби, дедовци, комшии, некои родители се договараат да се менуваат во земањето на неколку деца, но многу мал број можат да си дозволат да платат дадилка за тоа – 8,7 отсто.
Подолг дневен престој или пократко работно време на едниот родител
Родителите бараат да се продолжи дневниот престој, да има организиран превоз, а некои дури велат дека треба да се скрати работното време на едниот родител, на 6 часа, за да може да си го земе детето од училиште.
„Подолг дневен престој и поголема флексибилност наместо да ги оставаат децата да трчаат во дворот додека ги надгледува една од хигиеничарките“.
„Дневен престој во смени и храна во училиштето“.
„Флексибилност во работното време, работа од дома – доработување во случај да треба да излезам порано.“
Во училницата да има софа за децата да се одморат
Исто така, како проблем родителите го наведуваат и бројот на деца во дневниот престој, активностите што ги имаат таму и удобноста на престојот.
„Во училиштето каде што оди нашето дете во дневен престој се вкупно 38 деца во училница. Дискутабилно е колку се завршуваат домашните задачи и како наставниците успеваат да одржат дисциплина. Сметам дека треба да се подобрат условите во дневен престој.“
„Да има во секоја училница дневен престој со софа или кревет каде што ќе можат децата да се одморат и во училница да се без обувки. Како што е секаде во западните земји.“
„Да се организираат дополнителни активности од рекреативен, спортски и социјален карактер со цел продолжен ,но соодветно активно исполнет престој во училиштето, а притоа да биде одговор на потребите на мнозинството родители чие работно време е најчесто до 16 часот.“
912