Финската влада го заврши предлогот за реформа за породилно отсуство.
– Реформата за породилно отсуство е значаен чекор во развојот на системот за породилно отсуство и подобрување на родовата еднаквост. Тоа е инвестиција во семејства со деца, земајќи ги предвид различните типови семејства. Исто така, тоа е важен фактор за постигнување на целите на владината политика за населението. Овој предлог ќе ни помогне да се движиме кон социјално поодржливо општество – изјави Хана Саркинен, министерка за социјална работа и здравство.
– Ќе имаме модел на породилно отсуство што ќе ги задоволува потребите на современото општество. Реформата ќе им даде значително поголема флексибилост на родителите бидејќи ќе можат да го земат породилното отсуство во неколку дела или на основа на скратено работно време. Реформата ги зема предвид и самохраните родители, семејствата со повеќе деца и случаите кога детето ќе почине – додаде министерката.
Реформата промовира еднаквост во професионалниот живот
Оваа реформа има цел да ја зголеми родовата еднаквост и во секојдневниот живот на семејствата и во нивниот професионален живот. Позицијата на жените на пазарот на трудот ќе се подобри кога породилното отсуство ќе се подели еднакво меѓу двајцата родители. Ова ќе влијае врз ставовите, што ќе ја намали дискриминацијата врз жените во професиите.
– Пораката на реформата не е само за родителите, туку и за работодавците – дека и мајката и таткото можат да земат породилно отсуство. Работните места играат клучна улога во тоа каков е генералниот однос кон родителите, а особено кон мажите кои земаат породилно отсуство. Се надевам дека реформата ќе ги охрабри татковците да земаат породилно отсуство, а работодавците ќе ги поддржат мажите во тоа. Реформата ќе помогне и во намалувањето на родовиот јаз во платите – додаде министерката за вработување, Тула Хатаинен.
Кога ќе се спроведе, реформата за породилно отсуство ќе им даде на двајцата родители 160 дена со додаток. На родителите ќе им биде дозволено да префрлат до 63 дневници од сопствената квота на другиот родител. За последната фаза од бременоста ќе има рок на додаток за бременост од 40 дневници. Сè на сè, дневниците ќе изнесуваат повеќе од 14 месеци. Самохраните родители ќе имаат право да ги користат квотите на двајцата родители. Семејствата со близнаци, тројки и многу деца ќе бидат исклучок од овој модел – кај нив квотата за дневници за родителите ќе се зголеми за 84 дневници за второ дете и за секое дете потоа.
Родителите ќе можат да ги користат дневниците додека детето не наполни две години. Дневниците ќе може да се користат во неколку дела. Родителите што се во работен однос ќе имаат право да го поделат отсуството на четири дела. Само дневниците што ќе бидат земени во текот на бременоста ќе треба да се користат во еден континуиран период и да започнат 14-30 дена пред терминот за породување.
912