Учебната година ќе започне на 1 септември, но не се знае дали дотогаш ќе стасаат учебниците. Имено, од Министерството за образование и наука информираат дека учебната 2022-2023 година ќе започне на 1 септември и за оваа цел, веќе се усвоени и објавени Kалендарите за организација на работата на јавните средни училишта и на основните училишта во новата учебна година.
Од МОН додаваат дека втора година по ред продолжува етапната имплементација на најкрупната образовна реформа во основното образование, која, според министерството треба значително да го унапреди квалитетот на наставата, а училиштето да стане поинтересно место за младите.

-По воведувањето на нови наставни програми за учениците од прво и четврто одделение минатата учебна година, сега нови наставни програми се подготвени и за второ и петто одделение, а во фаза на изработка се и нови учебници врз основа на истите, по сите предмети во соодветните одделенија. Сите постапки за одобрување на учебниците за прво, вторo, четврто и петто одделение за кои се изготвени нови наставни програми, се во различна завршна фаза на одобрување, така што, при евентуално пролонгирање на постапките и по стартот на учебната година, учениците ќе го совладуваат знаењето преку подготвени соодветни материјали, додека не ги добијат новите учебници. За останатите одделенија, набавката на учебници со откуп исто така е во завршна фаза и се очекува да бидат дистрибуирани до училиштата кон крајот на овој месец – стои во соопштението.

Од МОН додаваат дека сите учебници за четврто и погорните одделенија, освен во печатен формат, ќе бидат достапни и во електронска верзија на порталот e-ucebnici.mon.gov.mk.



912

X