Иако децата можат да бидат независни уште од мали нозе, тоа не значи дека можете да ги оставите сами. Ако се прашувате кога можете да го оставите вашето дете само дома, го имаме одговорот.
Иако не постои одредена возрасна граница над која е пожелно да се остави детето само дома, според некои закони низ државите во светот, децата од предучилишна возраст не смеат да бидат сами без надзор на лице постаро од 16 години. Исто така, бебињата или малите деца никогаш не треба да се оставаат без надзор. Експертите сметаат дека повеќето деца до девет години не треба да бидат сами дома по училиште, како и дека децата до 13 години немаат доволно развиени капацитети да реагираат во непредвидливи ситуации, поради што не е пожелно да бидат долго време сами.
Повеќето родители почнуваат да ги оставаат децата сами дома во повисоките одделенија од основното училиште или кога почнуваат средно училиште. Добра идеја е да го оставите детето само на кратки периоди и да ги зголемувате како што детето расте. Голем дел од упатствата се потпираат на тоа што родителите ги слушаат потребите и чувствата на нивното дете. Ако не се чувствувате подготвени или не сте сигурни дека е најдобро, не оставајте ги сами дома.
Кога ќе се осмелите на тој чекор, поставете ги правилата и заштитете го домот. Погрижете се сите потенцијално опасни предмети, како што се алатки, ножеви и лекови, да се подалеку од дофат на деца. Запишете ги броевите за итни случаи, како и вашите контакти, на достапно место. Ако имате соседи на кои им верувате, кажете му на вашето дете да им се јави во случај на итност. Ако детето е алергично, отстранете од домот сè што може да предизвика реакција. Ако имате домашни миленици, размислете дали е безбедно да го оставите вашето дете дома со нив без надзор.
912