Бенџамин Хулберг од Јута, наставник во средно училиште, уште од рана возраст знаел дека неговите мајка и татко, Анџела и Брајан Хулберг, го посвоиле. Отсекогаш сакал да знае нешто за неговата биолошка мајка и своето потекло, но единственото нешто што го дознал било нејзиното име – Холи.
– Разговорот со моите родители за Холи отсекогаш беше позитивен. Моите родители или искажуваа благодарност до Холи или јас зборував за тоа колку сум ѝ благодарен и дека сакам да ја запознаам еден ден – вели тој.
Во меѓувреме, Холи Ширер никогаш не го заборавила бебето кое го дала на посвојување на Денот на благодарноста пред 20 години.
– Секогаш мислам на него. Уште повеќе за време на празниците и за неговиот роденден – изјави таа.
Холи останала трудна додека била тинејџерка. Првите три години по посвојувањето семејството што го посвоило нејзиниот син ѝ испраќало писма и фотографии, но тоа престанало по затворањето на агенцијата за посвојување во 2014 година. Холи секогаш се интересирала и пребарувала на интернет, па наишла на профилот на Бенџамин на социјалните мрежи.
– Имаше 18 години кога го најдов и се двоумев. Многу работи се случија во неговиот живот. Последното нешто што сакав да го направам е да му предизвикам проблеми. Затоа, само гледав од далечина – вели таа.
Бенџамин со години се обидувал да ја најде својата мајка. Пишувал писма, влегол во регистарот за посвојување, па дури и направил ДНК-тест со надеж дека ќе ја најде неговата биолошка мајка.
Кога Холи пред 6 месеци му испратила порака на „Фејсбук“ и му го честитала роденденот, неговиот свет се превртил наопаку. – Точно се сеќавам каде бев кога ја добив пораката. Го зедов телефонот, ја видов нејзината порака и ѝ врати: „Здраво, од каде се познаваме?“ Кога ми кажа, се шокирав – вели тој. Таа порака предизвикала силна емотивна реакција.
– Плачев, тоа беа позитивни емоции. За мене, ова беше денот што го чекав 20 години – објаснува тој.
По долго чекање, Бенџамин ја замоли да се сретнат.
– Побара веднаш да се видиме, што малку ме вознемири и не очекував – вели Холи.
– Чекав 20 години, повеќе не можев да чекам – вели Бенџамин.
Така, Бенџамин и Холи конечно се обединиле со своите семејства.
– Кога ме виде, стана и ме прегрна, а јас заплакав. Беше неверојатно, остварување на сонот – вели тој.
912