За родителите што запознале некого по разводот, одлуката кога да им го претстават новиот партнер на нивните деца може да биде голема дилема. Колку месеци треба да чекате? Дали врската е доволно стабилна и безбедна за тој чекор? Дали вашето дете е емотивно подготвено да запознае некој нов откако се разделивте со партнерот? Што ќе каже бившиот?

Семејниот терапевт Вирџинија Гилберт, која специјализирала за разводи со високи конфликти, верува дека некој што моментално е во процес на развод или разделба во последните шест месеци, во повеќето случаи не е подготвен да го запознае новиот партнер со децата.

Семејните терапевти и други експерти за мешани семејства споделуваат совети што би им ги дале на родителите кои штотуку започнале нова врска по разводот. Еве што велат тие, кога треба да се претстави новиот партнер?

– На некои им требаат шест месеци, но на други им е потребен побавен пристап – вели Даун О. Брејтврајт, професор по комуникациски студии на Универзитетот во Небраска-Линколн.

Според неа, родителите треба да ги разгледаат следните шест работи пред запознавањето:

– Дали веруваат во иднината на нивната нова врска;
– Возраста на децата;
– Колку време поминало од разводот;
– Колку добро децата се приспособиле на промените во новата семејна ситуација;
– Односот со поранешниот партнер;
– Интересот на новиот партнер да ги запознае децата.


Иако има исклучоци, повеќето научници открија дека новите партнери можат да имаат позитивна улога во животот на децата, но дека треба полека да градат односи со децата на партнерот и да се однесуваат како пријател на децата, а не како надредени над нив и не треба да се однесуваат на начини кои се збунувачки или несоодветни за децата – вели Брејтврајт.

За да се избегне надминување на границите кај децата, на почеток е потребен опуштен и пријателски пристап.

– Товарот на запознавањето на децата мора да биде на новиот партнер. Тој мора да се приспособи на нив, па најдобро е првите средби да ги организирате на места што им се познати и каде што им е удобно – вели Гилберт. Советува спиењето на партнерот во вашиот дом да го одложите додека децата не почнат да се чувствуваат удобно покрај него.

На почеток помирете се со улогата на аутсајдер

Кај детето може да се развие чувство дека го изневерува својот татко ако се дружи со новиот партнер на мајката. Овие прашања ги мачат децата и на нив треба да размисли секој родител пред да го доведе детето во ситуација да ги преиспитува своите чувства.

Експертите советуваат новите партнери да се обидат да се дружат со децата, но да се движат со темпото поставено од децата.

Ако сте новиот партнер, не обидувајте се да го заземете местото на родителот

Целта на новите партнери е да изгледаат како додаток, а не замена: децата треба да се чувствуваат како да примаат додаток во семејството.

– По правило, потребни се најмалку две години пред новиот партнер да преземе каква било родителска улога – заклучува Гилберт.

Извор



912

X