Лидерот на СОНК, Јаким Неделков, кој присуствуваше на третиот состанок помеѓу работните групи на Синдикатот и МОН со посредникот, соопшти денеска дека не е постигнат нов договор. Колку брзо ќе му се стави крај на спорот, нагласи тој, ќе зависи и од Министерството за финансии, кое пресметува дали може да се надмине последната владина понуда од 12% раст на платите.
– Доаѓаме до некакви заеднички ставови. Сепак, тука има нијанси во размислувањето за дополнително зголемување на оние 12%, меѓутоа, кога и за колку, тоа се детали што сѐ уште ги утврдуваме. За жал, министерот не може да излезе официјално со став бидејќи сѐ уште ги нема точните информации од Министерството за финансии – изјави претседателот на СОНК.
Во врска со исплатата на платата на вработените во градинките за време на штрајкот, Неделков вели:
– Доставивме барање до МОН за исплата на дневници врз основа на Колективен договор, имаме основа за таа работа и речиси сме сигурни дека ќе бидат исплатени во дејноста образование. За жал, имаме проблем во труд и социјална политика. Може да биде сериозен проблем за нарушување на процесот на преговори.
Нова средба се очекува в недела, кога практично истекуваат првите 10 дена предвидени со закон за да се реши спорот. Ако не се склучи спогодба и по дополнителниот законски рок, Синдикатот најави реактивирање на штрајкот.
912