Владата ќе достави предлог до Синдикатот кој ќе биде соодветен на буџетските можности и се надевам прифатлив за СОНК. Да ги вратиме децата во училиштата, а потоа ќе дискутираме како ќе се надомести пропуштената настава, вели министерот
Како министер за образование и наука, подготвен сум да направам отстапки од повеќе инвестициски и други активности што се дефинирани во програмата за работа на МОН за оваа календарска година, а кои предизвикуваат фискални импликации, за да се обезбедат повеќе средства со кои ќе се доближиме до процентот на покачување на платите на наставниците кој го бара СОНК. Ова го побарав и од другите министри во Владата и во тоа гледам опција преку која би можеле да постигнеме решение во рамките на социјалниот дијалог со Синдикатот. Ова е ставот на министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој го пренесе МОН.
– Штрајкот е почнат и бараме решение за надминување на ситуацијата што поскоро. Секако дека Владата ќе достави предлог до Синдикатот кој ќе биде соодветен на буџетските можности и се надевам прифатлив за СОНК. Да ги вратиме децата во училиштата, а потоа ќе дискутираме како ќе се надомести пропуштената настава – рече Шаќири.
Министерот рече дека заложбата на Владата е да се изнајде системско решение со кое платите на вработените во областа на образованието ќе растат со секое покачување на минималната плата, што всушност е и едно од барањата на СОНК, со оглед на тоа што е најавено нејзино покачување и во 2023 и 2024 година.
– Ме радува тоа што зборуваме за зголемување на платите. Оваа влада во неколку наврати им ги зголеми платите на наставниците и тоа по 5 отсто во 2018 и 2019 година и 10 отсто во 2022 година, на кои се додава и минат труд и така кумулативното зголемување е за над 21 отсто. Така што и овој пат ќе се договориме и ќе му излеземе во пресрет на наставниот кадар – рече министерот.
Заменски наставници нема да има
Според членот 50 од Законот за основно образование, во случај на прекин на воспитно-образовната работа поради штрајк, директорот на основното училиште, по претходна согласност од градоначалникот, а за државните основни училишта од министерот, е должен да го обезбеди остварувањето на воспитно-образовната работа со замена на вработените што штрајкуваат, додека трае штрајкот. Засега, надлежните не планираат да ангажираат заменски наставници.
Во Законот, исто така, е наведено дека воспитно-образовната работа не смее да се прекинува во текот на наставната година, освен за вонредни состојби (природни непогоди, епидемии и друго).
Во членот 50 стои дека наставата во учебната година се остварува во 180 наставни дена, па најверојатно, по 10 јуни ќе треба да се одработат овие денови во кои се штрајкувало и во кои не била организирана настава.
912