„Спинокио“ е игра во која играчите се во улога на уредници на новински агенции. Идејата е да станат најрелевантна агенција во медиумскиот простор и да објавуваат што повеќе професионални вести, а да ги отфрлат дезинформациите.
Главната задача е да се препознаат дезинформациите и да се направи разлика помеѓу точните и неточните информации. Во неа можете да ја одберете улогата на новинар, уредник, фоторепортер, инфлуенсер и проверувач на факти. Тие треба да се изборат и да ги лоцираат сите дезинформации.
„Спинокио“ досега ја играа ученици од десет средни училишта на територијата на Македонија кои учеа за медиумска писменост преку друштвената игра.
Низ едукативен пристап преку обука и игра, учениците имаа можност да ги запомнат работите што се поврзани со медиумска писменост и дезинформации.
Мите Кузевски, основач на „Види Вака“, вели дека друштвената игра има цел да го покрие делот во кој формалното образование потфрла.
– Играта „Спинокио“ треба да го покрие делот каде што формалното образование потфрла и преку играта учениците не само што добиваат одредено знаење, туку добиваат знаење на забавен и интересен начин кој им е далеку поблизок од класичното формално образование – истакна Мите Кузевски.
Тој додаде дека играта ја продолжува борбата против дезинформации, каде што младите генерации на креативен начин полесно почнуваат да разликуваат професионални вести од дезинформации.
912