Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете се задави со месо пред две години и летоска се присети на тоа, па оттогаш одбива секаков вид храна. Ослабе 7 кг бидејќи не внесува доволно храна, а има апетит, сака да јаде, но се плаши да не се задави повторно. Секоја храна што ќе ја внесе в уста ја џвака со саати и на крај ја плука со изговор дека не можел да ја голтне. Негово основно јадење сега е само течна храна, блендирана како за бебе, ама и таа храна ја џвака со саати. Имам пробано да му објаснам дека сѐ е во ред со него, разговарано е со саати, денови, месеци и нема успех, однесен е на психолог, ама без успех. Ги викам неговите другарчиња за да јадат со него. Тие ќе си се најадат, а тој нема почнато со јадење, уште првиот залак го џвака. И со витамински сирупи имам пробано за апетит, но без резултат. Во повеќе наврати ми има кажано дека многу му се јаде, ама му е страв. Како да постапам со своето дете за да му помогнам, веќе сум исцрпена и физички и психички. Не можам да си го препознам своето дете, кое претходно јадеше сѐ што ќе најдеше.

ОДГОВОР: Преживеаниот страв е нешто што силно останува врзано за оној што го преживеал и ја става неговата состојба во една постојана алертност да не се случи повтори. Реакцијата на страв е една пожелна емоција кога се креира со цел да нѐ заштити од следни повреди. Преку реакцијата на страв ние се штитиме и кога се креира таа, телото, без вклученост на когнитивната обработка што се случува, се вклучува прво. Какво значење ќе им дадеме на овие реакции на страв зависи од детето и неговата сензитивност, но и од реакциите на родителите како резултат на стравот и искуството на детето. Сите обиди да му докажете дека е во ред и дека никогаш нема да му се повтори може да предизвикаат спротивен ефект, навидум да се обиде да ја смени неговата реакција, а она што навистина се случува е да ја потисне и да игнорира дека воопшто се случила.

Знам дека вие како родител посакувате тоа никогаш да не се случило, но ете се случило и силно го уплашило вашето дете. Прашањето е како понатаму да се живее со ова искуство, кое може, доколку не се работи на него, силно да го промени неговото однесување и наместо да го надмине, вашето дете да стане уште поалертно на промени, нови настани, да се изолира и повлекува поради еден вторичен страв.

Како го гледате вие кога тој се соочува со стравот? Тоа е прашање што треба и себеси да си го упатите. Каква е вашата реакција кога тој силно се плаши, вие знаете од што е, почнувате да се плашите за него, а воедно и да се плашите дека никогаш нема да го надмине? И како разговарате потоа со него? Како разговарате за стравот генерално? Дали е нормално да се плаши? Дали е тој посилен од стравот и само треба време да го надмине? Дали стравот си заминува кога вие му велите дека не треба така да реагира? Дали стравот си заминува кога вие му велите дека поминало и нема од што повеќе да се плаши?

Одговорот треба да го добиете од вашето дете, наместо да се обидувате да превенирате уште една нелогична реакција на страв, да седнете и во сигурен разговор да го вртите искуството на првично задавување сѐ додека самото не се искаже доволно, дека не се плаши повеќе од него, туку да го прифати, како и најде начин како да се справи со него.
Децата ќе се плашат од многу работи, ќе преживуваат многу нешта и потоа ќе бидат посилни од кога и да е… Така што, зборувајте и за тоа како го победил стравот? Што мисли, како се случило тој да излезе како победник од целата ситуација.

Не кажувате колку години има вашето дете, но бидете внимателни при изложување на можна реакција на страв во присуство на други деца за да му не се јави срам од сопствените реакции и така синџирот на пад на самодоверба уште повеќе да се нагласи. Но дозволете да се појавува реакцијата во многу поподржувачки момент, каде што нема да има осуда, забрана, игнорирање, каде што ќе има разбирање, поддршка и заштита.

Доколку ова се провлекува подолго време и веќе влијае врз неговото секојдневно функционирање, губи значителна тежина како што бележите, препорачувам да се консултирате со вашиот педијатар или доктор да проверите одредени физиолошки насоки, и откако ќе се утврди дека нема никаква органска причина, да се консултирате и со психијатар и психолог-психотерапевт кој работи со ваквите фобични реакции.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X