На петгодишна возраст ќерка ми првпат отиде на зимување со својата учителка. На шестгодишна возраст по втор пат. Сега, на речиси осум години, додека го пишувам ова, таа е на зимување со нејзината учителка.

Од раѓање беше прилично приврзана за мене затоа што речиси и да не одеше во градинка, можеби само еден месец. Ја доев долго време навечер, па не можеше да спие без мене, а првпат остана со баба ѝ цела ноќ кога се роди нејзиниот помал брат. Таа тогаш имаше 2,5 години. Она што сакам да го кажам е дека таа е дете на чија независност од страна на нејзините родители никогаш не се работело. Ѝ дозволувавме, цело време, таа да води по тој пат, освен во ситуации кога немаше друг избор, и тоа трпеливо и детално ќе ѝ го објаснивме.

Потоа, на петгодишна возраст, на зимување со својата учителка остана седум дена. Тоа беше првпат да отиде некаде повеќе од 24 часа. Имаше две-три ноќни будења и малку плачење, но познавајќи ја, го очекував тоа. Сепак, одлуката да оди на зимување без нас беше само нејзина. Насмеана влезе во автобусот, седна до другарките и ни мавна додека автобусот се движеше. Вториот пат беше уште полесно. Таа ги одбројуваше деновите до заминувањето, а кога нејзините најдобри другари се откажаа од патувањето, ги крена рамениците и рече: „Па, штета.“ Не ѝ падна на ум да се откаже. Третиот пат не се ни сетив да ја фотографирам кога си замина, толку ни стана нормално.

Како стана независно детето кое не е осамостојувано?

Како што не треба да го „проодувате“ детето, тоа ќе го направи со свое темпо, како што одредила природата, па така и со независноста – природно. Тука, секако, зборувам за разделба повеќе од неколку часа. И мора да ги исклучиме оние ситуации кои ни се наметнати од начинот на живот, а каде што многу родители немаат друг избор, туку мораат да се раздвојуваат од децата по осум часа секој ден, кога ќе наполнат една година. Кога станува збор за подолга разделба, што подразбира дека детето ноќта спие кај/со некој друг, пред возраста на која детето може само да одлучи за тоа – не правете го тоа ако не морате. Зошто? Затоа што единствениот правилен пат до независноста е тој што го одредува детето. Ако знае дека ве има, дека сте таму, дека кога ќе му затребате, ќе се појавите вие, а не некој друг, ќе се чувствува безбедно.

И да се вратам на приказната за моето дете. Секогаш кога ќе одеше на зимување, непосредно пред патувањето, на појадок, ѝ го кажував следново:

„Таму одиш со другарите да се забавуваш. Ќе има лизгање, санкање, снежни топки, маскенбал, дискотеки. Остануваш седум дена, ако си добро. Ако не, можеме да те земеме за три часа. Никогаш не треба да се грижиш за тоа.“

Тоа е безбедноста. Мама и тато се тука. Ќе дојдат по мене ако треба. Така е и со малите чекори на независност. Кога поддршката е зад вас, се чувствувате безбедно и не мора да ја користите. Кога ја нема, може да ви се заниша земјата под нозете. Што мислите, дали ни се јавила досега и дали ги барала мама и тато додека била на зимување?

Автор: А. Цвјетиќ

Извор



912

X