Љубица Димовска, дефектолог, специјален едукатор, рехабилитатор

Љубица Димовска, дефектолог, специјален едукатор, рехабилитатор

е-пошта: d_ljubica@yahoo.com
тел: 072 214 191

Повеќе од авторот

Често пати кога се зборува за окупационата терапија, таа се поистоветува со физикалната терапија, што е погрешно

Кога зборуваме за окупациона или работна терапија прва асоцијација ни се возрасните индивидуи, сметајќи дека тие се лицата што работат. Меѓутоа, не треба да го забораваме фактот дека и децата работат од најрана возраст.
Главна преокупација на детето му е да игра, но тоа извршува и други активности во секојдневието, градинката, училиштето… Физичката, сензорната и когнитивната попреченост го ограничуваат и детето во извршување на тие секојдневни активности. Целта на окупационата терапија е да го подобри функционирањето на детето и да го осамостои колку што е можно повеќе токму во овие активности, со што, од друга страна, кај него ќе се развијат самодовербата и чувството на самовреднување.
Често пати кога се зборува за окупационата терапија, таа се поистоветува со физикалната терапија, што е погрешно, иако целта и на двете е да го подобрат квалитетот на живеење на личноста.
Физикалната терапија се занимава со грубата моторика, болката, силата на мускулите, опсегот на подвижност на зглобовите и сл.
Окупационата терапија е насочена кон фината моторика, координацијата на движењата на двете раце, следењето со поглед на тоа што се работи, сознајните способности и дефицитот во сензорното процесирање. Нејзин интерес се активностите кои детето ги врши со цел, со намера. Така извршените активности во крајна линија позитивно влијаат и на неговото здравје. И обратно, доколку детето не врши целесообразни активности, не само што не го развива својот потенцијал, туку и му се влошува здравјето.

Окупационата терапија опфаќа 3 вида активности:
1. Игра
2. Вежби од секојдневниот живот
3. Активности што се продуктивни

1. Играта ја набљудуваме како самостојна активност и како средство кое може да се примени во терапевтски цели. Таа треба да е приспособена на возраста и развојната старост на детето. Поврзана е со внатрешната слобода на детето, се почитува неговиот избор. Додека детето игра, се набљудува каква е неговата флексибилност, дали му приоѓа на друго лице, дали прифаќа вмешување од страна на други лица, дали почитува правила, дали игра стереотипно итн. Преку играта децата се развиваат и се унапредуваат во одредени области, а од друга страна и самата игра треба да ја развиваме и унапредуваме. Токму во тоа се состои и целта на окупационата терапија кога станува збор за играта на детето, односно треба точно да се знае што ќе се унапредува преку играта и во самата игра. Прашања кои на терапевтот можат да му бидат од помош при набљудување на детето и неговата игра се: Дали детето чувствува радост додека игра? Кои дејства му причинуваат задоволство? Кои материјали ги преферира? Како и колку се движи додека игра? Какво значење му имаат аудитивните информации? Дали може да реализира вербален налог? Каква е координацијата на двете половини од телото? Дали има разлика меѓу нив?

 

2. Вежби од секојдневниот живот. Овде спаѓаат мали активности (облекување, миење, јадење, комуникација….) и големи активности (возење велосипед, прошетки надвор од домот, пазарење…)
Областа секојдневие во себе ги содржи сите други области зашто буквално ги содржи сите активности, целокупниот живот на детето, од станување наутро, преку миење, облекување, организација во текот на денот, до легнување навечер. Овде целта на окупационата терапија е сите овие активности детето да ги врши со најголема можна самостојност или да се одреди кој начин на помош и олеснување му е најсоодветен за функционирањето да се одвива непречено или со минимум попречување.

3. Активности што се продуктивни. Овде станува збор за активности кои го подготвуваат детето за вклучување во пошироката општествена средина (градинка, училиште…). Продуктивноста опфаќа задачи кои детето ги извршува во домот (помош во кујна, миење садови, бришење прашина…), потоа активности кои се извршуваат во градинките (подготовка за соработка, развивање на фината моторика за да може детето да црта, да работи со пластелин, да користи компјутер…) и активности со кои на детето му се развиваат комуникациските вештини, активности со кои тоа стекнува основни математички поими, го усвојува општествено прифатливиот модел на однесување во колектив итн.
За окупационата терапија да има ефект, најважно е терапевтот и семејството на детето тесно да соработуваат. По опсервацијата на детето терапевтот изведува заклучок за состојбата на детето и дава предлози и решенија за тоа во кои области му е потребна помош. Често се случува родителите да не се согласуваат со мислењето на терапевтот и да очекуваат поинаков пристап или решение за нивното дете. Сите недоразбирања и нејаснотии помеѓу двете страни треба да бидат расчистени пред да се започне со третманот, да се изнивелираат желбите и очекувањата на родителите со фактичката состојба на детето, со цел тоа да ја добие најдобрата поддршка за максимално развивање на својот потенцијал и функционирањето согласно истиот.



912

X