Малите деца може да оценат како се чувствуваат луѓето дури и кога носат маска за лице, покажа ново истражување. Постои загриженост дека маските за лице би можеле да му наштетат на развојот на малите деца, но истражувањето објавено во „ЈАМА Педијатрикс“ посочува дека децата ги препознаваат емоциите еднакво добро како и кога луѓето не носат маски.
За оваа студија, истражувачите од Универзитетската болница „Лаусан“ во Швајцарија им покажале 90 слики на 300 деца по случаен избор, на возраст од 3 до 6 години. Фотографиите прикажувале актери кои изразувале радост, лутина или тага. На половина од фотографиите актерите носеле маски. Од децата се барало да ја именуваат емоцијата, да покажуваат на картичката емотикон кој ја покажува таа емоција, да кажат дека не го знаат одговорот или да се откажат од експериментот. Децата имале повеќе точни одговори и успеале да ги усогласат емоциите, без разлика на тоа дали актерите носеле маски или не, пренесува Си-ен-ен.
Децата ја погодиле емоцијата во над 70 отсто од случаите кога актерите на фотографиите биле без маски и во над 67 отсто од случаите кога носеле маски. Колку што децата биле постари, толку имале повеќе точни одговори. Четвртина од децата од претшколска возраст потешко ја разликувале тагата од лутината, а околу 21 отсто повремено ја мешале радоста со лутина или тага.
Ешли Руба, експерт за развојна психологија во Лабораторијата за детски емоции на Универзитетот „Висконсин-Медисон“, не учествувала во ова истражување, но работела нешто слично во текот на пандемијата. Изјавила дека согледала слични резултати.
„Дури и со носењето маски, малите деца веројатно можат разумно да заклучуваат за емоциите на другите луѓе“, коментирала Руба. „Сакам да истакнам дека лицето не е најважниот начин за комуницирање на емоциите, туку само еден од нив. Го користиме и тонот на гласот, постојат и други видови траги кои децата и возрасните може да ги користат за да сфатат како се чувствуваат луѓето“, тврди таа.

За обработка на јазикот, важно е децата да научат да читаат од усни, но од истражувањето е јасно дека маските нема да му наштетат на развојот на детето.
„Ризиците од заразата со коронавирусот поради неносење маски веројатно ќе го надминат секој мал проблем во комуникацијата што децата би можеле да го имаат“, истакнува таа. Како развоен психолог, смета дека постојат многу повеќе аспекти на пандемијата кои би можеле да му наштетат на развојот на детето, како социјална изолација или ако нивните родители ја изгубат работата, на пример.
„Маските веројатно се на дното на листата со работи за кои треба да се грижите“, вели таа.
Автор: Џен Кристенсен