Почетоците се врзани со појавата на пандемијата и препораките да се седи дома, па почнав да смислувам разноразни активности како да ги анимираме децата за да поминеме што поквалитетно време со нив дома. Една од тие активности беше и декорирање на храната. Близнаците беа мали, па со постариот син готвевме заедно, правевме колачиња, ја средувавме кујната, ги миевме зеленчукот и овошјето, ја поставуваме масата за јадење…

„Мама са Лимана“ (@mama.sa.limana) е името на профилот на социјалните мрежи зад кој стои гевгеличанката Данче Томашевик, која живее во Нови Сад, а која креира вистински уметнички дела од храна. Данче има 39 години, по занимање е менаџер за бизнис и логистика и е мајка на три дечиња – Марко, кој има 4 години и близначињата Иван и Милан, кои имаат по две и пол години. На своите профили на „Фејсбук“ и на „Инстаграм“ таа споделува интересни шарени оброци за големи и мали, но и идеи со активности за тоа како родителите да го поминуваат времето со децата.

Снежана, Снупи, десетици цртани ликови, македонско девојче, мотиви од македонскиот и од српскиот фолклор се само дел од изработките направени со толку трпение што буквално го одземаат здивот. За „Деца.мк“ Данче зборува за нејзините активности.

На социјалните мрежи постојано гледаме одлични декорации изработени од храна. Како дојдовте до идеја на овој начин да си ,,играте” со храната?

Почетоците се врзани со појавата на пандемијата и препораките да се седи дома, па почнав да смислувам разноразни активности како да ги анимираме децата и да поминеме што поквалитетно време со нив дома. Една од тие активности беше и декорирање на храната. Близнаците беа мали, па така со постариот син готвевме заедно, правевме колачиња, ја средувавме кујната, ги миевме зеленчукот и овошјето, ја поставуваме масата за јадење… буквално го вклучив во целиот тек на подготовката на оброците и некако спонтано почнавме да правиме интересни облици со овошје кои веќе ги имав видено на интернет и тоа многу му се допадна.

Со текот на времето тој стануваше сѐ покреативен, а јас повешта и почнавме да правиме приказни на чинија, а потоа почнав и сама да скицирам и реализирам мои идеи и приказни. Многу ми е жал што многу малку слики имам од тој период бидејќи не постоеше никаква намера сето ова да прерасне во тоа што е денес, а тоа е некој вид уметност со храна.

Од каде ја црпите инспирацијата?

Инспирацијата кај мене е непресушен извор и ја имам на претек. Буквално ќе ми трeбаат неколку животи да реализирам сѐ што ќе замислам. На почеток наоѓав инспирација на интернет, главно на „Пинтерест“, а сега тоа се мои оригинални идеи и постови за кои ми се инспирација некои наши приказни, наши омилени места, некои мои предизвици, на пример, значајни македонски и српски симболи, а и симболи од регионот како што се: Македонско девојче, Тешкото, Петроварадинската тврдина, катедралата во Нови Сад, црквата „Св. Сава“ во Белград, исто така, дизниевите јунаци ми се непресушна инспирација и имам намера сите да ги направам. Генерално, како некој што сака и сега да гледа цртани филмови, цртаните јунаци ми се инспирација. Моите деца се неизоставен дел од оваа приказна и, пред сѐ, тие ми се најголема инспирација.

Темите што ги изработувате во чиниите се секогаш различни. Дали ги слушате желбите на Вашите дечиња и колку тие Ви помагаат во подготовката?

Креирање постови за „Инстаграм“ и декорирање храна со децата се две различни работи. Откако мојот профил е јавен, правам наменски постови за „Инстаграм“ кои не се секогаш поврзани со децата, некогаш тоа се постови преку кои сакам да раскажам нешто интересно, да презентирам некој рецепт, некогаш нешто ми е предизвик да го направам, а некогаш тоа се постови наменети за дечињата. Со децата декорирам секогаш кога тие имаат желба за декорирање. Тие се во фаза кога сакаат сѐ да правиме заедно, заедно да сечкаме овошје или зеленчук, а тие сами да го редат. Прават цветови, виножита, а јас сум тука само да помагам и да дадам некоја инструкција. Тоа е убавината на овие декорирани чиничиња – да се вклучат дечињата во цел процес и да им дозволиме сами да прават свои приказни. Кај нас моментално е борба кој ќе готви со мене, сите многу сакаат да ми помагаат, но кога креирам постови наменски за „Инстаграм“, главно ги правам сама бидејќи најчесто декорирам за време на нивната попладневна дремка или кога се во градинка, а понекогаш го вклучувам Марко.

Не е лесно да се биде и родител на три дечиња и секојдневно да се одговора на секојдневните потреби на членовите во семејството. Опишете ни како изгледа еден Ваш ден.

Во моментот уживам во мајчинството, а со самото тоа сум и целосно посветена на дечињата и на семејството. Од самото нивно раѓање се трудев да воспоставам рутини по кои и ден-денес функционираме, а тоа е усогласено будење и спиење, оброци кои се во исто време, секојдневни прошетки претпладне и попладне, а јас се вклопувам во нивниот распоред и си создавам време тогаш кога тие спијат, кога се во градинка или кога има кој да ги причува. Се будам рано и тоа е време за мене, кога ги полнам батериите за цел ден. Наутро цртам, осмислувам постови, тоа е време за мои ритуали. Во суштина имам одредено приоритети и така функционирам, за она што е битно наоѓам време, она што е помалку битно е на чекање и така во круг. Кога се во градинка, имам повеќе време да ги завршам сите секојдневни домашни обврски и полесно се организирам и функционирам. Еден ден на една мајка со три мали дечиња е многу динамичен и исполнет, и потребна е голема ментална и физичка сила, а и помош.

Што сѐ може да се види на профилот „Maма са Лимана“?

Она што сакам да го кажам е дека mamasalimana е профил на кој ќе најдете многу рецепти за разни јадења, многу интересни шарени чинии наменети за децата, но не како начин на кој треба да ги храниме децата, туку како една активност преку која децата лесно се поврзуваат со храната и учат многу за неа, а попатно и ја дегустираат. Главно на мојот профил се оние шарени чиничиња кои се некој вид мали уметнички дела и кои не се поврзани со моите деца и генерално со децата. Целта на овој профил е да послужи како инспирација, да си играме и да се забавуваме со децата и никогаш да не заборавиме да го негуваме детето во нас.



912

X