Дишењето е многу важен физиолошки процес преку кој се воспоставува благосостојба на целото тело. Забележувам дека повеќето деца прават брзи, плитки вдишувања без да обрнуваат внимание на тоа како дишат. Потребно е да ги научиме дека дишењето треба да е свесен процес. Длабокото дишење обезбедува смирување, го регулира вегетативниот нервен систем, носи најмногу кислород до мозокот и регулира многу психо-емоционални состојби.

Еве неколку техники и вежби на дишење со кои ќе постигнете ефект на свесно дишење кај вашите деца. Најдобро е да ги правите заедно возрасен-дете и да поминете активност во која квалитетно ќе вложите личен ангажман.
Освен во домот, ваков вид техники на дишење треба да се користат и во воспитно-образовниот процес, во кој секој прв училиштен час би почнувал на тој начин, но и секој почеток на ден за предучилишните деца вклучени во градинка би почнувал со релаксирачки вежби со дишење.

ТЕХНИКА НА ДИШЕЊЕ – ВИНОЖИТО

Оваа техника на дишење се однесува на истегнување на рацете нагоре и нанадвор како да ги сликате боите на виножитото на небото.
Еве како изгледа тоа: Вдишувате полека низ нос додека ги кревате двете раце директно нагоре над рамената. Држете го здивот и рацете нагоре 3-5 секунди. Издишете полека додека ги спуштате рацете сè додека не се израмнат со рамената.

ТЕХНИКА НА ДИШЕЊЕ – ЛИФТ

Седнете високо на стол или седнете на под со скрстени нозе и ставете ја едната рака, со дланката свртена надолу, на скутот. Ставете ја другата рака, со дланката свртена надолу, на врвот на другата рака. Додека вдишувате полека низ нос, подигнете ја горната рака до брадата како да е лифт. Држете ги здивот и раката, замислувајќи луѓе како излегуваат од лифтот, 3-5 секунди. Издишете низ уста додека полека ја спуштате раката назад во првобитната почетна позиција.

ТЕХНИКА НА ДИШЕЊЕ – ЗМИЈА

Вдишете низ нос. Држете го здивот 3-5 секунди. Издишете низ уста со звук како змија, испуштајте сссс додека издишувате.



912

X