Во изминатите 5 децении ставот во САД за физичката дисциплина, позната и како физичко казнување, драматично еволуирал. Физичката дисциплина во форма на удирање, клоцање, мавање деца со предмети од сите видови некогаш била прифатена. Дури и наставниците во училиштата ги удираа децата како дел од дисциплинските мерки. Бидејќи имам две деца, добро го знам импулсот да се удри дете. Го разбирам и го сфаќам. Има околности кога децата толку не ги слушаат родителите, што тоа навистина предизвикува голема фрустрација. Единствениот пат кога ја „удрив“ едната ќерка се случи кога постарата (сега има веќе 33 години и и самата е родител) имаше околу 2,5 години. Зеде нешто од полица, а јас ѝ реков да го врати. Фактот што не се ни сеќавам што зела покажува колку бил неважен предмет. Иако таа го разбра моето барање, одби да слуша и се држеше до своето. Ако зборуваме од аспект на развој, таа едноставно направи нешто што двегодишно дете би сторило: ја тестираше својата независност. Јас бев на почетокот од својата кариера и иако го знаев сето тоа, сепак бев изморена и нерасположена, а нетрпението и фрустрацијата беа на високо ниво.

Побарав неколку пати да го врати предметот на полицата, но таа продолжуваше по свое. На крајот, ѝ го грабнав предметот од рака и го вратив на своето место. Таа повторно се обиде да го земе, па повторно ѝ реков да го остави. Сепак, отиде и го зеде, гледајќи директно во мене и почна да се смее. Многу е веројатно дека таа играше, но тоа кај мене предизвика лутина и бес. Импулсивно, ја удрив силно по раката.

Моето чувство на вина беше огромно. Нејзината насмевка исчезна, а усните почнаа да ѝ се тресат. Како што почнуваше да плаче, гледаше во мене како да ми вели: „Како можеше да ми го сториш тоа? Ти треба да ме заштитуваш“. Се чувствував како да ја изневерив – бидејќи тоа и го сторив. Не знам дали било траума за неа, но беше за мене. Набрзо потоа таа не се сеќаваше на тоа искуство, а од друга страна, јас нема никогаш да го заборавам. Сите истражувања покажуваат дека физичкото казнување на децата повеќе им штети отколку што ги дисциплинира. Извештајот за физичко казнување во САД: Што ни кажува истражувањето за ефектите врз децата, изработен од д-р Елизабет Ѕ. Гершоф, зборува за врската меѓу родителското физичко казнување и однесувањата и искуствата на 11 деца од студијата. По 100 години научни истражувања и стотици објавени студии за физичкото казнување, спроведени од професионалци од областа на психологијата, медицината, едукацијата, социјалната работа и социологијата, откриле дека:

-Има многу малку докази дека физичкото казнување го подобрува однесувањето на децата на долгорочен план, а емпириските податоци покажуваат дека физичкото казнување на децата е неефективна практика на родителите.
-Физичкото казнување доведува до поголема веројатност децата да бидат девијантни и агресивни во иднина.
-Физичкото казнување ги изложува децата на ризик од низа негативни исходи, вклучително и проблеми со менталното здравје.
-Децата што се физички казнувани имаат поголем ризик од сериозни повреди и физичка злоупотреба.
-Кога се практикува континуирано, физичкото казнување ја зголемува шансата за антисоцијални однесувања, како лажење, крадење, измама, насилство, недостиг на чувство за каење и морал.
-Физичкото казнување служи како модел за агресивно однесување и несоодветен начин за справување со конфликт.
-Физичкото казнување ја намалува довербата помеѓу родителот и детето.
-Возрасните што често биле удирани како деца имаат поголема веројатност да страдаат од депресија и други негативни социјални или проблеми со менталното здравје.

Автор: Ден Мегер

Извор



912

X