Барање за поставување камери во одреден објект се поднесува до Дирекцијата за заштита на лични податоци. Во оваа институција се оценува оправданоста на барањето, а доколку дозволи да се постават камери, има цела низа процедури и одлуки за тоа каде ќе бидат поставени, кој смее да ги гледа снимките, во кои случаи…

Најголем дел од родителите на децата што одат во градинка сакаат да се постават камери во овие установи, не само на влезовите и по ходниците, туку во сите простории во кои престојуваат децата. Ова го покажа онлајн-анкетата што ја направи Деца.мк.
Законските правила се дека барање за поставување камери во одреден објект се поднесува до Дирекцијата за заштита на лични податоци. Во оваа институција се оценува оправданоста на барањето, а доколку дозволи да се постават камери, има цела низа процедури и одлуки за тоа каде ќе бидат поставени, кој смее да ги гледа снимките, во кои случаи…
Анкетата ја пополниле 2.139 читатели, од кои 90 проценти се жени. Одговори добивме од сите возрасни генерации, но најмногу од родители чии деца сега одат или пред скоро време оделе во градинка, речиси од сите општини во кои има градинки, а најмногу од скопските.
Точно 93,6 проценти од оние што одговориле имаат деца, а од нив 50,1 проценти имаат едно дете, 43,1 имаат две деца, 6,1 отсто – три, 0,5 отсто – четири, а останатите повеќе од четири.
Децата на 78,9 отсто од анкетираните одат во градинка, а од нив во државни градинки одат 95,5 проценти.
На прашањето: „Што мислите, дали во градинките треба да се постават камери во просториите каде што престојуваат децата во текот на денот?“, 81,3 отсто дале потврден одговор.

„Не сакам сите да ми го гледаат детето“, „се нарушува приватноста“…

Оние што сметаат дека не треба да се снима во градинките ја потенцираат довербата во вработениот персонал, но и приватноста на вработените и на децата. Голем дел од нив ја потенцираат потребата од зголемување на кадарот во градинките, негово обучување…
– Го носам во градинка зашто знам дека го оставам во сигурни раце, не се сомневам во ништо, верувам во негувателките – стои во еден од одговорите.
– Не сум за камери затоа што ќе се бара замерка за секоја ситница. Децата и вработените не се експериментални глувци за да бидат под надзор – се вели во друг.
Читател пишува дека со видеонадзор се повредува приватноста на сите единки во институцијата и не е решение за проблемот со премногу дечиња во група, премалку и несоодветен кадар.
– Не сакам сите да ми го гледаат детето. Треба повеќе персонал, кој ќе е подобро платен – коментира анкетиран.
– Не мислам дека со тоа би се решил проблемот. Никому не му е пријатно да биде сниман, надгледуван на ваков начин. Мора да се промени целиот концепт на тоа како државата гледа на градинките и за ова да има осмислена стратегија за развој. Потребни се итни решенија во повеќе насоки – зголемување на капацитетите и на деца и на кадар, но и просторни капацитети, поттикнување ран детски развој, повеќе игра надвор, не во затворени простории, повисоки плати и повеќе вложување во обуки на кадарот – стои во друг коментар.

Кој да ги гледа снимките?

Дел од оние што би сакале да се постават камери во градинките сметаат дека снимките треба да ги гледаат родителите, или надлежните и родителите. Друг дел, пак, веруваат дека треба да се определат правила за тоа во кои случаи би се прегледувале снимките и кој може да го прави тоа.
– До снимките да имаат пристап сите родители на дечиња што престојуваат во градинка и да се гледаат исклучиво кога постои добра причина за тоа, сомнеж за малтретирање на дете, физички напад и сл. – пишува читател.
– Според мене, пристап до снимките треба да имаат директорите на градинките, но задолжително да ги испраќаат во Министерството за труд и социјална политика за таму да се разгледуваат детално. И, секако, доколку постои воспитувачка или негувателка што се однесувала на недоличен начин кон децата, да ја добие потребната казна – вели друг.
Некои родители сметаат дека снимките треба секојдневно да се следат од, како што велат, независен работник, кој не е директно инволвиран во чувањето и негувањето на децата.
– Родителите не треба да имаат пристап, освен во ситуации кога детето на каков било начин е загрозено – додава тој.
– Во случај на незгода, непријатна ситуација, кражба на обувки и алишта, во случај децата да се повредат меѓу себе, сомнеж за односот на вработени со деца, тогаш да ја гледа снимката одговорно лице во присуство на родител – смета родител.
– Доколку се стават камери, тие снимки да можат да се прегледуваат само од страна на инспектори и родител доколку дојде до некој инцидент. Ни под разно од сите родители и постојано, бидејќи има многу лигави родители, ќе настане хаос – смета анкетиран.

Неколку немили случки и сомнежи на родители за недоволна грижа на деца во државни градинки ја отворија дискусијата за тоа дали треба да се постават камери во просториите во кои престојуваат децата во градинки. Родителите гласно дискутираат на социјалните мрежи. Од Министерството за труд и социјална политика-МТСП, пак, велат дека законски само родителите можат да поведат иницијатива за поставување камери во детските градинки и доколку постои ваква иницијатива, детските градинки треба да преземат соодветни мерки кои се во согласност со Законот за заштита на личните податоци.
Неодамна јавноста бурно реагираше откако на социјалните мрежи девојка објави видео на кое се слуша како дете плаче, а некој му вика во градинка во Гевгелија. Месец дена претходно родител пријавил во штипската полиција дека неговото двегодишно дете е повредено во градинка. Кога го зел, имало многу модринки. Во тој период единаесетмесечно бебе, искасано и со повреда на главата по престојот во скопска градинка, им било предадено на родителите без воопшто да ги информираат како дошло до повредите. Мајката обвини дека вработените се обидувале да го скријат случајот иако повредите на нејзината ќерка биле видливи, а се и медицински документирани.
Според податоците на МТСП од почетокот на 2017 година до август годинава инспектори од Одделението за инспекциски надзор за заштита на децата постапиле по 11 пријави од родители, односно извршиле 11 вонредни надзори во градинките.



912

X