Кога ученичка почнала да пука со огнено оружје во училиште во Ајдахо, САД, наставничката Криста Гнитинг ги насочила децата кон безбедна локација, побрзала да ѝ помогне на ранета жртва, а потоа смирено ја разоружала ученичката од 6. одделение која пукала, прегрнувајќи ја и утешувајќи ја додека не пристигнала полицијата.
Родителите го истакнале сочувството од страна на наставничката како алатка за спасување животи. Двајца ученици и чуварот во училиштето биле застрелани на 6 мај, сите тројца преживеале, а пукањето набрзо се завршило. Семејството на наставничката истакнало дека храброста и емпатијата се особини кои едноставно се дел од неа.
Во интервју за „Еј-би-си њуз“, наставничката рекла дека се подготвувала за финалните тестови за нејзините ученици, кога слушнала пукање од пиштол во ходникот. Погледнала надвор од училницата и го видела чуварот како лежи на подот. Слушнала уште два истрела, па ја затворила вратата од училницата. „Им реков на учениците: „Ќе заминеме од овде, ќе трчаме до средното училиште, ќе трчате брзо, нема да погледнете назад, а сега е време да станете и да тргнете“, изјавила наставничката во интервју за „Добро утро Америка“.
Полицијата известила дека девојче од 6. одделение во својот ранец носело пиштол и застрелало две лица во училиштето, а едно надвор. Сите три лица биле повредени во нивните екстремитети и биле пуштени од болница за неколку дена. Наставничката вели дека се обидела да му помогне на еден од учениците што бил погоден кога видела како девојчето држи пиштол в раце. Му рекла на ранетиот ученик да остане смирен и му се приближила кон девојчето.
„Тоа беше само девојче, а мојот ум не можеше да го сфати тоа. Едноставно знаев кога го видов пиштолот дека морам да го земам“. Ја прашала ученичката: „Дали си ти таа што пука?“, а потоа се приближила повеќе, ставајќи ја нејзината дланка на раката од девојчето, лизгајќи ја надолу кон пиштолот. „Само полека го повлеков пиштолот од нејзината рака, а таа ми дозволи. Не ми го даде, но не се бореше. Потоа, откако го зедов пиштолот, само ја повлеков во прегратка бидејќи сметав дека ова девојче има мајка некаде и не сфаќа оти доживува нервен слом и дека повредува луѓе“, рекла наставничката.
Гнитинг ја држела ученичката, тешејќи ја додека не пристигнала полицијата. „По некое време девојчето започна да зборува со мене и можев да согледам дека е многу несреќна. Продолжив да ја прегрнувам и да се обидувам да ѝ дадам до знаење дека ќе поминеме низ ова заедно. Верувам дека ѝ помогнав бидејќи таа се смири“.
Откако дојде полицијата, Гнитинг ѝ рекла на ученичката дека полицаец ќе мора да ѝ стави лисици на рацете, а девојчето не се бунело. „Не одговори, само го остави. Тој беше многу нежен и љубезен, и само ја зеде со себе и ја стави во полицискиот автомобил“, изјавила наставничката.
Девојчето било обвинето за пукањето, но процесите за малолетничките судења се држат во тајност во Ајдахо, нејзиното име, ниту природата на обвиненијата не се објавени во јавноста. Деверот на Гнитинг, Лејн Гнитинг, рекол дека кога прв пат чул за пукањето, помислил дека внатрешната „мајка мечка“ во Криста настапила за таа да ги спаси своите ученици. Набрзо сфатил дека тоа е другата страна од нејзиниот силен родителски инстинкт. „Криста е родена мајка“, напишал Лејн на „Фејсбук“ во објава по пукањето. „Обидете се да ги повредите нејзините деца и таа ќе ве распарчи. Ако ви треба прегратка, ќе ве држи со часови, мешајќи ги нејзините солзи со вашите… Одлучноста ја тера да дејствува, но нежноста и мајчинската љубов – не сила – го зеле пиштолот од рацете на девојчето во нејзините“.
Криста Гнитинг вели дека се надева оти луѓето ќе му простат на девојчето и ќе му помогнат да ја добие потребната поддршка. „Таа само што го започнала својот живот и потребна ѝ е помош. Сите прават грешки. Мислам дека треба да се осигураме дека ја добива потребната помош и да ја вратиме назад на местото каде што се сака себеси, за да може да функционира во општеството“, заклучила наставничката.
912