Ефектите од мобилните телефони и другата технологија на училиште се многу дебатирана тема во многу земји. Некои се залагаат за целосна забрана, додека други го посочуваат користењето на технологијата како алатка за учење.
Децата во јавните основни училишта во Јужна Австралија ја започнале учебната година без да им биде дозволено да ги понесат своите мобилни на час, освен ако не им се потребни за активностите на часот. Сите училишта во Викторија, како и училиштата во Тасманија, имаат воведено забрана за мобилни телефони уште од 2020 година. И во Нов јужен Велс е забрането да се носат мобилни телефони во јавните основни училишта, а средните училишта ја разгледуваат таа опција. Одделите за образование ги вовеле забраните од различни причини, меѓу кои и целта да се подобрат резултатите и да се намали врсничкото насилство.
Забраната за мобилни телефони доведува до подобрување на успехот на учениците
Неколку студии и извештаи укажуваат на позитивното влијание од забраната на мобилните телефони во училиштата. Во 2015 година, во студија бил користен метод наречен „разликата во различна стратегија“, како и податоци од ученици од Англија, за да се истражи ефектот од забраната врз резултатите на учениците. Со оваа метода биле споредени училишта што имале забрана со училишта каде што била дозволена употреба на мобилни телефони. Откриено било дека забраната за мобилни телефони доведува до подобрување на успехот на учениците. Резултатите покажале дека откако се вовела забраната, резултатите на тестовите кај учениците на возраст од 16 години се зголемиле за 6,4 отсто. Ефектите биле двојно поголеми кај учениците што имале слаб успех претходно, а од друга страна немало влијание кај учениците што и претходно бележеле високи резултати. Студијата, исто така, покажува дека учениците со слаб успех имаат поголеми шанси да им биде одвлечено вниманието од мобилните телефони, додека оние со висок успех се фокусираат и со и без мобилни телефони.
Па така, резултатите покажуваат дека забраната за мобилните телефони носи придобивки и во однос на намалување на јазот помеѓу послабите и подобрите ученици.
Во неодамнешни студии од Шпанија и од Норвешка биле користени слични емпириски стратегии, па исто така се покажале докази за придобивката од забраната во однос на успесите на учениците. Докази од Белгија покажуваат дека забраната за мобилни телефони на училиште може да биде од корист за успехот на студентите на колеџ. Можеби контекстот е различен, но сепак е информативен.
Истражување од Шведска покажува мал ефект од забраната врз успехот на учениците во средно образование. Но, вредно е да се забележи дека студијата не нашла ниту еден штетен ефект од забраната.
Пишувањето белешки со рака овозможува подобро да се запомни материјалот
Психолошката литература може да фрли светло врз потенцијалните механизми во однос на тоа зошто мобилните телефони и другата технологија на училиште може да влијаат врз успехот на учениците. Таа литература кажува дека мултитаскингот е штетен во однос на учењето и извршувањето на задачите. Многу неодамнешни експериментални студии презентираат докази дека користењето на мобилните телефони додека се извршуваат задачи го намалува учењето и завршувањето на задачите.
Истражувањата, исто така, покажуваат дека компјутерите може да се помалку ефикасен начин за „фаќање белешки“ отколку хартијата и пенкалото. Пишувањето белешки со рака овозможува подобро да се запомни материјалот отколку кога се „типка“ на компјутер. Ова можеби е така затоа што учениците не само што го „типкаат“ секој кажан збор, туку и размислуваат како да го сумираат она што го слушаат.
Овие откритија не ја отфрлаат можноста дека мобилните телефони и другата технологија може да бидат корисна, структуирана алатка за учење. Сепак, игнорирањето или неразбирањето на доказите може да биде штетно за учениците и да води кон долгорочни негативни, социјални последици.
Автор: Луис Филип-Беланд
912