Животот на петгодишната Кајли Кулаж бил исполнет со операции, дијализа и дружење со лекари. Но, тоа сега се промени. Нејзината учителка со несебичен гест засекогаш ѝ го промени животот.
Кајли Кулаж од Мисури, САД, е родена предвреме, во 26. недела, а откако поминала 150 дена во болница, дијагностицирано ѝ е делумно слепило, ѝ откажале и бубрезите, па секој ден морала да оди на дијализа. Родителите на Кајли, Џош и Дезире, очајно сакале да ѝ пронајдат нов бубрег на ќерка си, а кога во октомври конечно постигнала минимални услови за да оди на трансплантација (бидејќи дотогаш била премногу мала за таква операција), можен донор дошол од најнеочекувано место: од училницата на Кајли.
Учителката Робин Меч ја подучувала Кајли повеќе од 2 години. Кога дознала дека на Кајли ѝ е потребна трансплантација на бубрегот, не размислувала два пати за да ѝ го понуди својот.
– Знаев дека на Кајли навистина ѝ е потребна операција, па си помислив зошто да не се обидам – раскажала учителката, која својата ученичка ја гледа како „паметно и енергично“ дете. По речиси 3 месеци тестови, лекарите одобриле Меч да биде донорот на Кајли. Во февруари на Кајли ѝ била извршена успешна трансплантација на бубрег – интервенција која траела 6 часа. На учителката прво ѝ бил изваден бубрегот во универзитетската болница „Свети Луис“, а потоа лекарите по подземен тунел го донеле во Детската болница „Кардинал Гленон“.
Мајката на Кајли вели дека здравјето на девојчето по операцијата драстично се подобрило.
– Повеќе не е врзана за апаратот за дијализа секоја вечер, бојата ѝ се враќа на образите и сега може да ужива во долгото капење пред спиење. Кулаж вели дека никогаш нема да ги најде вистинските зборови со кои би можела да ѝ се заблагодари на учителката.
– Донирањето бубрег е навистина извонредно, тој чин ги спасува животите на луѓето и им дава подобар квалитет на животот – истакнала мајката.
Учителката, пак, не ја смета својата постапка за херојски, туку како само еден дел од нејзината учителска работа.
– Ако на детето му треба ранец или чевли за на училиште, јас ќе му набавам ранец или чевли. Тоа е некако иста работа… На Кајли ѝ требаше бубрег, а што и да ѝ треба, јас ќе ѝ дадам – заклучила Робин Меч, учителката-херој.
Автор: Морган Смит
912