Достигнувањето вакви цели, како што е поставување национални рекорди и освојување пехари, многу ми значи и претставува дополнителен мотив за мојата работа, вели Никола
На Меѓународниот натпревар „Grand Prix Macedonia Open“, пливачот Никола Ѓуретановиќ од пливачкиот клуб „Вардар 2018“ постави нов национален рекорд во дисциплината 200 метри слободно (постари пионери). Тој го сруши досегашниот рекорд со постигнато време 02.03.45, додека пак стариот рекорд беше со време 02.05.30 на Антониј Симоноски. Прогласени за најдобри пливачи и со освоен пехар во нивните категории од пливачкиот клуб „Вардар 2018“, освен Ѓуретановиќ, е и Софиа Дамјанова.
На годинашниот „Grand Prix Macedonia Open“ учествуваа 280 пливачи од Македонија, Албанија и Косово.
Тринаесетгодишниот Никола, за чии успеси и талент Деца.мк веќе има пишувано, вели дека овој успех претставува голем поттик и потврда дека е на вистинскиот пат.
– Тренирам секојдневно. Достигнувањето вакви цели, како што е поставување национални рекорди и освојување пехари, многу ми значи и претставува дополнителен мотив за мојата работа. На секојдневните тренинзи заедно со тренерот Горан Стаменов се подготвуваме за поставување рекорди, како и за освојување нови титули. Како што ми се подобруваше формата со тренинзите, така и овој резултат беше донекаде очекуван, но не знаев со сигурност дека ќе се случи сега. Сепак, да, бевме спремни за ваков резултат – вели Ѓуретановиќ.
Тој додава дека неговите следни планови се интензивно тренирање и подготвување за наредните натпревари, како што се Комен купот и Европското јуниорско првенство, а во иднина би сакал и медал од Европско, Светско првенство, па и од Олимпијада.
– Бев прогласен и за најдобар пливач во категорија со освоен пехар, со освоени четири златни, а во апсолутна категорија еден сребрен и еден бронзен медал – додава тој.
912