Обуките за наставници треба да се изведуваат со физичко присуство, но забраната за одржување обуки, семинари и конференции ги одложи плановите на надлежните. Како што информираат во Бирото за развој на образованието (БРО), ако и од 20 април се случи повторно да останат во сила истиве мерки, тогаш обуки ќе има во јуни

Обуките за одделенските наставници кои од 1 септември годинава треба да работат согласно новата концепција за основно образование требаше да започнат периодов, но поради новите рестриктивни мерки за заштита од Ковид-19, тие се одложуваат за по 20 април. Обуките, велат од Бирото за развој на образованието – БРО, треба да се изведуваат со физичко присуство, па забраната за одржување обуки, семинари и конференции ги одложи плановите. Од БРО велат дека ако и по 20 април се случи да останат во сила истите мерки, тогаш обуки ќе има во јуни.

Членовите на комисиите формирани од БРО периодов ги работат новите наставни програми за прво и за четврто одделение.
– Програмите за прво одделение се во завршна фаза. Кога ќе бидат потпишани од министерката Мила Царовска, ќе бидат објавени. Програмите се одлични, она што ги карактеризира е усогласеноста на темите, стандардите за оценување, гледани се од многу стручни лица и меѓународни организации од различни аспекти, со цел да не се пропушти ништо што е важно да биде опфатено. Важни се аспектите на родова еднаквост, интеркултурализмот, инклузијата. Согласно програмите, не се гледа само децата да развиваат когнитивни способности, туку обрнато е внимание и на тоа сите други вештини и ставови и вредности да бидат застапени во програмите – информираат во Бирото.

Како ќе се учи по ново во 1. и во 4. одделение од септември и како ќе се поврзуваат темите по различни предмети

Откако ќе бидат финализирани наставните програми, следува конкурс за избор на учебници кои ќе се пишуваат согласно новите програми. Во однос на предметите во прво одделение нема да има значителни разлики. Она што ќе се промени е начинот на учење, ќе се инсистира на интеграција, а новина е и што првачињата ќе бидат пет часа на настава.

Инаку, на конкурсот за ангажирање надворешни соработници што ќе учествуваат во изработката на осум наставни програми за предмети во основното образование беше предвиден ангажман на 32 надворешни соработници, а се пријавија повеќе од 100 наставници и професори, што е најголем број досега на пријавени соработници.



912

X