Бидејќи носот е „прв филтер“ на дишните органи, не треба да нè чуди што баш алергискиот ринитис (стручен назив за поленска кивавица) е убедливо најчеста алергиска болест. Таа е една од „болестите во пораст“, навистина, па сè повеќе деца заболуваат и добро би било да се запознаеме со состојбата. Зошто се јавува кивавица на полен?

Оваа болест настанува поради алергиска реакција во носот на детето. На слузницата од носот се одигрува реакција на полен (алерген) и антитела (кои ги создава организмот на детето кое има склоност кон алергии) што се манифестира со оток на слузницата, која лачи провиден „воденест“ секрет.

Кога почнува?

Не е баш лесно да се погоди времето на ослободување на поленот. Тоа зависи од траењето и карактерот на зимата. Постојат и треви што цветаат во есенскиот период. Таква е амброзијата, која расте покрај речните текови и им прави проблеми на алергичните деца веќе од крајот на август, а обично во септември.

Како изгледа дете што има поленска кивавица?

Лесно е да ги препознаете – постојано шмркаат и киваат, со раката често го тријат носето, а често имаат и лесно „закрвавени“ очи поради алергиска реакција на слузницата на окото (алергиски конјунктивитис). Тегобите почнуваат со расцветување на тревите, иако погрешно се поврзува со „невидливиот полен“ што го создаваат тополите.

Како се поставува дијагнозата?

Педијатарот многу лесно ја поставува клиничката дијагноза на алергиска кивавица. Потврда за дијагнозата се добива со алерголошка обработка. Се прават таканаречени „кожни проби“ кои за 15-ина минути откриваат кои треви му сметаат на детето. Тие се многу едноставни и сигурни (ова баш и не важи за мали бебиња), но се и достапни имајќи ја предвид многу прифатливата цена. Алергиите многу прецизно може да се откријат преку примерок од крв (од вена), но се работи и на збирни анализи. Кога еднаш ќе се постави дијагноза, повеќето родители брзо учат да ја препознаат оваа болест кај своите деца.

Кои деца ги „напаѓа“ поленот?

Нема правила, но ретко се среќава во првите години од животот. Има деца кои во петтата година го добиваат првиот алергиски ринитис, но се случува и во возрасна доба. И натаму не се знае зошто кај некои деца болеста почнува рано, а некои деца пораснуваат пред првите симптоми на алергиска кивавица.

Има ли лек?

Бидејќи е невозможно да се избегне поленот на овие простори, столбот на одбраната од поленската кивавица се антиалергените лекови:

–Антихистаминици. Тоа се лекови кои го блокираат дејството на хистамин – еден од најважните (но, не и единствениот) медијатори на алергиски реакции. Антихистаминиците што се употребуваат во последните 2 децении не продираат во мозокот, па немаат ефект кој тера на спиење, а имаат одлични терапевтски ефекти.

-Назални кортикостероиди. Кортикостероидите за локална (назална) примена не се страшни, но прекумерната и продолжена примена може да доведе до непотребни компликации. Ова се многу ефикасни лекови, но не треба да се земаат на своја рака – треба да ги препише педијатар и да ги контролира ефектите од терапијата. Одреден број деца со антихистаминици имаат потреба и од дополнителна терапија со „посериозни лекови“, како што се кортикостероиди за локална примена во нос. Назалните стероиди бараат неколку дена за почеток на дејството, па ако носот е „преполн“, може да се користат краткотрајно и „стандардните“ капки за нос кои ги стеснуваат крвните садови и така (покрај олеснување на симптомите) помагаат назалните кортикостероиди да бидат поефикасни.

Кога да се почне со терапија

Не треба да се чека алергијата да се засили. Идеално е околу 2 недели пред цутењето на тревите да се почне со лекувањето иако нема симптоми на болеста. Тоа не е лесно прецизно да се утврди, но со првите денови на пролетта треба да се почне со соодветна превентивна антихистаминска терапија. Современата терапија доведе до речиси целосна контрола на оваа болест. Критична е првата сезона кога детето и родителите сè уште не знаат за што се работи. Затоа, ако видите дека детето кива или кашла во првите денови од пролетта, обратете се на педијатар бидејќи непријатните симптоми и знаци на поленска кивавица може успешно да се лекуваат.

Имунотерапија

Имунотерапијата е ветувачка и кај децата со алергиски болести. Се работи за давање мали количини алергени (за кои соодветен тест дефинитивно покажува дека предизвикува проблем кај детето) кои сега се аплицираат орално. Се почнува со мали концентрации на алергени кои постепено се зголемуваат и им се даваат на децата во дефинирани временски разлики. Имунотерапијата на алергискиот ринитис (поленска кивавица) дава добри резултати кај постарите деца и возрасните, а еден од главните ограничувачки фактори е цената на препаратите, кои се употребуваат многу долго.

Автор: д-р Горан Вукомановиќ

Извор



912

X