До Министерството за образование и наука стигнало само едно барање за организирање дневен престој за учениците што посетуваат настава со физичко присуство, а на ова барање одговорила Општина Карпош.
Од први овој месец во девет од десет училишта во Карпош се организира дневен престој за учениците, а тоа е овозможено со Одлуката на Владата од седмата седница, одржана на 29 септември пред почетокот на учебната година на 1 октомври, со која се одобри организација на продолжен престој, со препорака тој да се организира со учениците од иста паралелка и од исто одделение.
Претходно дневен престој беше организиран за учениците што посетуваат настава со физичко присуство во општините Аеродром и Центар, а родители од целата земја постојано бараа да се воведе продолжен престој во училиштата бидејќи нема кој да им ги згрижи децата додека тие се на работа и стравуваа дека ќе бидат отпуштени.
– Секој ден имаме невозможна мисија да се организираме кој да го земе детето од школо. Другарки, комшии, роднини, пријатели, на сите им упаѓаме во животите за да ни помогнат. Две улици мора да помине детето за да дојде до дома, затоа не може да се враќа само – вели Р. Т., мајка од Скопје.
– До Министерството за образование и наука е пристигнато едно барање. Но, имајќи предвид дека се работи за надлежност на општините и училиштата, кои се должни да ги обезбедат сите услови за да излезат во пресрет на евентуални барања на родителите, истото е одговорено од соодветната општина, односно Општина Карпош – велат од Министерството за образование.
Од Министерството за образование појаснуваат дека владината одлука со која се одобрува продолжен престој во училиштата е донесена во координација со Кризниот штаб и со Комисијата за заразни болести и дека таму каде што е организиран дневен престој, тој е направен согласно протоколите од Министерството за здравство.
На негодувањата на дел од родителите како ќе се организира дневниот престој, Општина Карпош одговори дека ќе се почитуваат упатството од Министерството за образование и протоколите од Министерството за здравство. Во Општина Аеродром дневен престој е организиран за ученици од прво до трето одделение од иста паралелка, а продолжен престој има и за учениците од осумте основни училишта во Општина Центар.
Општина Кисела Вода најави дека размислува да воведе дневен престој за учениците и дека сè уште се разгледува каде може да се излезе во пресрет на барањата на родителите.
912