Ја имам таа среќа да работам како учител во комбинирано одделение во селско училиште. Знам, многумина ќе речат дека тоа и не е баш некоја среќа, но ако се промени аголот на гледање на нештата, тогаш ќе има повеќе предности отколку недостатоци. Како млада, многу сакав да работам во градско училиште, имав желба за докажување, успех и бев полна со планови за иднината. Се разбира, без политичка заднина тоа не беше можно, а јас ја немав.

Уште тогаш сфатив дека средината не го формира учителот, туку неговиот пристап кон работата, желбата за напредување и љубов кон децата. Работата во таква средина, со помал број ученици ми дава можност на секое дете максимално да му се посветам. Кога ќе се свртам наназад, зад мене се многу генерации на млади успешни луѓе. Некои од нив веќе се остварени во улогата на родител, некои својата среќа ја побарале надвор од границите на оваа земја, некои завршиле факултет, постдипломски студии, а некои од нив имаат докторат. Некои сега студираат, некои се средношколци, а некои оваа година се подготвуваат за мала матура. Меѓутоа, разменувајќи искуства со колегите не само од опкружувањето, туку и пошироко, сфатив што е тоа што одредени родители би требало да го коригираат или избегнуваат.

Ако баш имате потреба да зборувате лошо за нас, не правете го тоа пред децата

Доколку не сте задоволни со нашата работа или имате некоја забелешка, кажете ни го тоа без двоумење. Не сме ни ние безгрешни. Секогаш сме подготвени на секaков вид соработка. Немојте лошо да зборувате за учителот пред детето. Не само затоа што ќе го нарушите нашиот авторитет, туку на детето несвесно ќе му испратите порака дека е во ред да се озборува некој, наместо да го научите дека е лошо да се „зборува зад грб“.

Не испраќајте ги децата во училиште со налакирани нокти и со тетоважи од гуми за џвакање


Постојат некои норми на однесување и убаво е кога сите ги почитуваме и кога се придржуваме до нив. Знам дека малите девојчиња сакаат налакирани нокти и дека тоа им претставува задоволство. Но, ве молиме, не испраќајте ги со налакирани нокти на училиште. На училиште се трудиме да формираме и да ги почитуваме општествените и моралните норми, а со тоа не ни помагате. Ако веќе за викендот сте му дозволиле на детето да залепи тетоважа од гума за џвакање, тогаш задолжително отстранете ја пред да настапи новата работна недела.

Не пишувајте ги домашните задачи наместо нив

Знаеме дека сте пренатрупани со работа и дека често ви недостига време за себе. Сакам да верувам дека баш од таа причина нема да ја направите домашната задача наместо детето, бидејќи тоа е заштеда на време. Ве молиме, не правете го тоа. Верувам дека ви е поедноставно и побрзо самите да ја завршите работата наместо да му објасните што е тоа што е нејасно. Подобро испратете го на училиште без завршена задача (доколку не умее да ја заврши, а не затоа што не сака да ја заврши). Тука сме ние да објасниме.

Не дозволувајте вашето дете да ја извршува контролната задача под притисок

Детето не треба да има страв од училиштето, туку треба да го доживува како свој втор дом. Ако во грч ги прави контролните задачи мислејќи на оценката и вашите очекувања, нема да успее да го даде својот максимум. Не дозволувајте вашето дете да има страв од оценки. Наместо тоа, научете го дека – успехот е производ на работата, а неуспехот е производ на неработењето. Многу поважно од тоа е да го научите дека ниту една оценка, ниту една лоша ситуација не треба да ја сокрие од вас, да ја премолчи.

Не постои проблем кој не може да се реши со искреност

Затоа, драги родители, наместо хистерично да викате и да му се заканувате на детето доколку оценката не ги исполни вашите очекувања, многу е подобро пред тргнување на училиште да му кажете: „Ти посакувам среќа и целосна концентрација на час. Не размислувај за оценката, туку само за задачата“. Впрочем, и вие сте попродуктивни и поефикасни кога не работите под притисок, размислете за тоа.

Немојте да пишувате состав наместо детето

Ако се пронајдовте во овие редови, сигурно се обидувате да најдете оправдување за своите постапки, но верувајте ми, го нема. Со тоа што вие ќе го напишете составот, најмалку сте му помогнале.

Не сечете им ги крилјата бидејќи се предодредени за лет!

Наместо да пишувате состав, обидете се да развиете кај него љубов кон читањето. Знам, тешко е, особено сега кога мобилната технологија е во прв план. Но, не е невозможно. Бидете модел за однесување за своето дете. Со читањето детето го збогатува речникот, го зголемува фондот на зборови, а со самото тоа подобро ќе ги пишува составите. Ако се „прикачите“ на тврдењето дека детето едноставно нема талент за пишување, веднаш знајте дека сте на погрешен пат. Пронајдете на интернет состав од сличен вид, дајте му само да го прочита, па исклучете го компјутерот и детето нека напише самото.


И уште нешто…

Од огромна важност е вие, родителите, да поминувате квалитетно време со своите деца, децата од вас учат, ве набљудуваат. Доколку вашите зборови не се усогласени со вашите постапки, детето ќе биде збунето, нема да знае што е правилно, а што не. Ние, учителите, сме секогаш тука за да ви помогнеме и да ви излеземе во пресрет. Само со заедничка работа можеме тоа малечко битие да го обликуваме, но не според нашите желби и неостварени амбиции, туку според неговиот потенцијал и лични афинитети. Ова секогаш имајте го на ум!


Автор: Славица Бијелиќ

Извор



912

X