Минатата година Роксана Кондор се обидувала да најде место за новата кујна од ИКЕА за нејзиното тригодишно дете, комплет со мини тенџериња и тави. Тогаш сфатила дека нејзиниот дом е целосно обземен од играчките на нејзиното дете. Лего-колекции, различни коцки и други играчки за нешто повеќе од една деценија родителство. Секоја соба во куќата на Роксана била преполна со пластични играчки. Нејзините деца, на возраст од 13, 6 и 3 години, имале суперхерои, покемон-карти, фломастери со светки, фломастери што мирисаат и многу други играчки.
Кондор се обвинила себеси за тоа. Таа пораснала во посткомунистичка Романија и имала многу малку играчки кога била мала.
– Буквално немавме ништо. На телевизија гледав Барбики и сакав и јас да имам, и комбе со сите играчки, чевли и додатоци – вели таа. Кога станала мајка, била решена да им овозможи колку што може ан своите деца.
„Стапица во продавниците од еден долар“
Има многу работи што доведуваат до преоптоварување на семејствата со детски играчки и работи. Во нашето општество лесно е да се дојде до нови играчки – родендените, празниците, па дури и доброто однесување гарантираат подароци од продавниците за играчки. Исто така, постои и она што Конор го нарекува „стапица во продавниците од еден долар“.
– Одите во продавница, купувате еден куп глупости со кои децата играат цели 10 минути – вели таа.
– Често купуваме нешто за да покажеме некому дека го сакаме. Имаме чувство дека колку повеќе имаме, повеќе сме сакани. Ова е општествен проблем – вели Ники Мартин, раководител на програмата за студии за рано детство на Универзитетот во Гелф-Хамбер во Торонто. Исто така, факт е дека родителите се зафатени, додека истовремено децата поминуваат повеќе време дома, а помалку надвор.
– За мене, тоа беше обид да го исполнам времето на децата со работи кога бев многу уморна за да поминам време со нив – вели Кондор. Желбата нашите деца да имаат повеќе отколку што сме имале ние кога растевме го движи бесконечниот круг на нови играчки.
– Сакав да имаат сè. Можноста да им обезбедам сè навистина ми даваше задоволство – вели Кондор.
Домашниот куп од играчки не им им прави услуга на децата. Всушност, сè поголем број родители и експерти веруваат дека на сите ќе ни биде подобро со многу помалку.
Амели Лакроа сфатила дека нејзините деца имаат премногу играчки дома откако таа и нејзиниот сопруг се обиделе, но не успеале да ги примамат своите деца на возраст од четири и две години самостојно да играат за да можат тие да завршат некоја работа низ домот.
– Имаат многу играчки, но никој не играше со нив – вели Амели.
Постојат докази што ја поддржуваат теоријата дека „помалку е повеќе“. Неодамна било спроведено истражување на 36 мали деца, на возраст од 18 до 30 месеци, на Универзитетот во Толедо, Охајо – истражувачите во два наврати поканиле деца во лабораторија за игри. При првата посета во собата имало само 4 играчки. На втората посета во собата имало 16 предмети. Додека малите деца физички допреле повеќе играчки при нивната втора посета, за време на првата посета тие повеќе време играле со играчките. Тогаш играле двојно подолго.
Помалата понуда на играчки барала од нив да бидат покреативни и да имаат поголема корист за когнитивниот развој.
Изберете едноставни играчки – кукли, возови или мали автомобили што бараат децата да бидат креативни
– На развојно ниво, малите деца не можат да прават избор помеѓу 20 или 10 различни работи. Ова значи дека кога детето ќе влезе во преполна просторија со играчки, може да се парализира од опциите. Кога станува збор за играчките, мислиме дека што повеќе е подобро. Но, една квалитетна играчка или едно искуство е подобро од повеќе – вели Мартин.
Не страдаат само децата поради преголемиот број играчки. И на родителите им треба многу работа за да ги организираат, да најдат место и да ги исчистат играчките. Дали тоа значи дека треба да престанете да му купувате играчки на вашето дете? Не, но треба да бидете внимателни кога купувате. Милер предлага да изберете едноставни играчки – кукли, возови или мали автомобили што бараат децата да бидат креативни и да ја користат нивната фантазија.
– Кога ќе добиете играчка што прави сè за вас, брзо губите интерес затоа што нема место за вас во таа игра. Важно е и здраво децата да играат сами и да бидат главни во тој свет – вели таа. Како да го намалите купувањето на играчки? За да помогнете во намалувањето на играчки, Милер предлага да им посочите на луѓето што им купуваат играчки на вашите деца да им даваат подароци преку кои ќе стекнат искуства – посета на театар, претстава или друг поевтин излет во парк.
Дарежливоста создава дарежливост
Кога станува збор за организацијата на играчки, вклучете ги вашите деца во процесот на донирање на неискористените играчки. Секако, не сите деца ќе бидат среќни околу тоа. Милер вели дека е нормално децата да негодуваат кога ќе им кажете дека треба да ги подарат играчките.
– Процесот на учење на детето да дава и да донира може да биде тежок за двајцата. Но, дарежливоста создава дарежливост – вели таа.
Што се однесува до играчките што ќе одлучите да ги зачувате, добра идеја е да ги организирате на начин што ќе ги направи достапни за вашето дете.
Автор: Џесика Лидер
912