Тој се стреми неговата веб-страница „Математика за сите” да прерасне во прво дополнително средство за учење математика на полесен и поинтересен начин за секого

Насочени и ненасочени агли, координатен систем, видови триаголници, решавање задачи со агли кај триаголник, теорема за надворешен агол на триаголник, симетрија во однос на права, задачи со коренување, степенување, упростување на корен и уште многу други лекции можат да се научат на веб-страницата „Математика за сите“ на професорот по математика и физика Блаже Ангелов.
Тој реши да им ја доближи математиката на сите преку своите бесплатни онлајн-предавања, визуализирани лекции, едноставност во презентирањето. И тоа достапни за секого и во секое време.

Визуелна математика

Ангелов има 11- годишно професионално работно искуство.

-Идејата за мојата веб-страница потекнува од онлајн-наставата што започнавме да ја реализираме поради пандемијата на Ковид-19. Во ситуација кога мораше да реализираме настава преку компјутер, без физичко присуство на учениците, многу размислував на кој начин да им го претставам наставното градиво на учениците. Според мене, наставата мораше да претрпи сериозни промени за учениците да учат полесно, на поинтересен начин, имајќи предвид дека часот трае 30 минути. Почнав со нови методи да презентирање на наставниот материјал. Реакциите на учениците беа многу позитивни, па добив желба ова да го видат сите ученици, колеги и родители. Затоа решив моите материјали да ги споделам со сите на веб-страница која ќе биде достапна за секого. Започнувам со математика, а се надевам дека слична варијанта ќе произлезе и за физика – вели Ангелов, кој е професор по математика и физика во ООУ „Крсте Петков Мисирков“ во Радовиш.

Лесна навигација, бесплатни материјали, изобилство од примери, интересни илустрации, поедноставеност на лекциите, визуализација на математиката, лекции на видео, достапност во секое време, можност за самостојно учење се главните атрибути на веб-страницата.

Можност за лесно повторување, љубов кон кралицата на науките

Тој се стреми веб-страницата „Математика за сите“ да прерасне во прво дополнително средство за учење математика, на полесен и поинтересен начин за секој.

– Со веб-страницата секој ученик добива „втора“ можност да види уште еден начин на презентирање на наставниот материјал по математика, покрај редовната настава. Особено е важно што секој ученик има можност за кратко време да се потсети на подзаборавен материјал од претходните учебни години. Замислете да се вратите на материјал од 8. одделение кога сте четврта година средно, без да барате учебник, без да барате на која страница е презентирано вашето прашање. Почетната верзија има содржини само од дел од материјалот по математика за првото полугодие. Визуализацијата и едноставноста, се надевам ќе разубеди многу од учениците кои мислат дека не може да научат математика, не може да решаваат задачи, дека грешат и ќе почнат со напредување. Се надевам дека кај најмладите токму овој начин на презентирање ќе создаде љубов кон кралицата на науките, која ќе иницира индивидуален и колективен напредок во знаењата по математика – потенцира професорот Ангелов.

Најважното на почетокот

Секој учебник по математика и секоја наставна единица во него, вели тој, кај нас и во светот, почнува со нагласување на потребните знаења кои се претходно изучени за да се совлада новиот дел. Ученикот мора да има добро познавање на претходно наученото за да продолжи да го развива во правилна насока. Но, ретко кој ученик ќе се одлучи да бара дополнителен материјал во хартиена форма од претходно за да продолжи да учи правилно.

– Затоа јас се трудам најважните потребни знаења да ги презентирам на почеток од видеопрезентацијата за секој ученик да го реализира тоа неопходно поврзување. Секако, ова бара многу работа. Пред да реализирам некој дел, голем дел од времето читам за тековната област, споредувам методи и размислувам за нивото на знаење што ученикот го има пред да се сретне со овој материјал. Самата визуализација е полесниот дел, потешко е да се најде ефикасен начин на поврзување на наставното градиво – додава Ангелов.

Над 50 математички видеа

Според него, кај нас наставата е премногу поврзана за учебниците по кој било наставен предмет. Смета дека е време да поработиме на оваа проблематика и генерално да ги научиме учениците да учат со користeње повеќе ресурси. И токму на овој начин се зголемува и критичкото размислување, преку споредување.

Инаку, на веб-страницата засега има над педесет водичи. Овој број се очекува да расте континуирано во периодот што следува, особено со почетокот на второто полугодие.

– Родител сум на две деца, ќерка ми Јана има пет години, син ми Петар две. Верувам дека како и секој родител, секојдневно се соочувам со проблемот на големата изложеност на децата на компјутери, телевизија, мобилни телефони или таблети. Времето покажува дека сите делумно ја губиме битката и во одредена мера им дозволуваме на сопствените деца тука да минуваат одредено време. Јас се трудам моите деца да следат едукативни видеа од кои може да учат. Јас во мојата област може да помогнам со едукативни материјали на интернет по математика. Па кога веќе децата се изложени на информации од интернет, нека тоа генерално бидат добри информации. Мотивиран сум математиката на овој начин да им ја приближам на сите ученици, па секој што има проблеми да добие нова можност да го реши – вели професорот.

Поедноставување на математиката

Учениците се соочуваат со тешкотии при изучувањето математика токму поради тоа што не ги поврзуваат нејзините различни делови, а тоа што го учат не го поврзуваат со секојдневието.
– Често, во секојдневието, сите за математиката велиме дека е потребна добра основа. Јас мислам дека таа основа се однесува на методот на учење и способноста ученикот да ја види математиката во реалниот живот – вели Ангелов.

Веб-страницата е активна од средината на декември 2020 година. Професорот вели дека е изненаден од големата посетеност.

– Еве, ќе споделам информација дека максимумот на посетеност во рамките на еден ден (досега) е 1.036 корисници, што е многу повеќе од она што го очекував за почетниот период. Секако, посетеноста од почетокот на новата 2021 година е помала, поради тековниот одмор на кој се наоѓаат учениците. Она што особено ме изненади е посетеноста од читатели од различни држави. Веб-страницата www.matematikazasite.com има читатели од Србија, Хрватска, Австрија, Германија… Особено ме радува дека нашите иселеници Македонци се присутни како читатели, па ова ќе им помогне покрај образованието на некој странски јазик, да можат да учат математика и на мајчиниот, македонски јазик – потенцира Ангелов.

Континуирана надградба на веб-страницата, ќе има и тестови

На прашањето какви коментари и прашања најчесто добива, тој вели дека првичните коментари се однесуваат на делови поврзани со начинот на креирањето на видеоматеријалите, од колеги.

– Интересно е дека ученици ми испратија барања за поставување нови материјали од одредени области што им се проблематични. Во тој дел сакам да ги охрабрам учениците да ја користат формата за коментирање на дното по завршувањето на секоја страница за да споделат мислење, критика, проблем задача, па на тој начин да се зголеми соработката меѓу ученици кои учат во различни училишта. Користејќи го овој начин, ученик може од мене да добие дополнително објаснување или насоки за одреден проблем – дополнува професорот.

Неговите планови се за почеток да ги опфати сите делови од математика од шесто одделение до четврта година средно образование.

– Кога сите овие материјали ќе бидат достапни во видеоформат, сакам да изработам задачи за вежби во ворд-формат кои бесплатно ќе бидат достапни за секого. Секој би можел да си преземе задачи и да продолжи со самостојна работа. Планирам да вградам панел кој ќе овозможи секој ученик да се логира и да добие можност да решава тестови директно на страницата и веднаш во реално време да добие резултати. Овој сегмент од функцијата ќе овозможи учење по пат на обиди и грешки со повторување на истиот тест двапати или повеќепати. Ова е многу обемна работа, се надевам ќе ја реализирам во целост – нè информира Ангелов.

До учениците упатува апел: „Никогаш не откажувајте се од можноста да научите“.

– Знам од искуство дека во текот на образовниот процес најголем дел од учениците токму во математиката се откажуваат од оваа можност. Секој од вас може да научи сè. Кога ќе сфатите дека ова е вистина, останува само да откриете нов метод на учење. Се надевам дека токму мојата веб-страница ќе ве мотивира да користите алтернативен начин за разбирање на градивото по наставниот предмет – вели професорот.



912

X