Некои од родителите реагираат што им се врши притисок за местото во градинка и сметаат дека кога веќе плаќаат, не треба да им се врши проверка и треба сами да одлучат кога е најдобро време да го пуштат детето
Градинките работат со полн капацитет. Ретко каде има место. Но групите се пополнети на список, а не секаде и во практика. Во групите со 12 деца, по две-три не доаѓаат, а го држат местото. Директорките на градинките велат дека вршат проверки кој редовно доаѓа и праќаат опомени, но ретко кога преземаат подрастични мерки, оставаат на совесноста и свесноста на родителите.
Некои од родителите реагираат што им се врши притисок за местото во градинка и сметаат дека кога веќе го плаќаат, не треба да им се врши проверка и треба сами да одлучат кога е најдобро време да го пуштат детето во градинка.
– Детето ми беше болно, не од Ковид-19, и не го пуштив веднаш во градинка за да го зајакне имунитетот. Неколку пати ми се јавуваат да се изјаснам дали ќе продолжи да оди зашто им треба местото. Сè уште нема потврда од лекар дека може да посетува градинка. Не ми е јасен притисок – вели Мими К. од Скопје.
Местата зафатени, групите непополнети
В.д. директорката на „Срничка“ во скопската населба Аеродром, Елена Георгиевска, вели дека општо правило е доколку детето не посетува градинка две недели, да им се јават и да ги консултираат родителите дали планираат да го носат детето или да го ослободат местото за нови членови кои чекаат на ред.
– Сосема е коректно ова правило затоа што многу деца и родители чекаат на ред. Особено во Аеродром, каде што се изградија многу згради и има поголема потреба за нови места и деца. Штета е некој да го држи местото, а да не доаѓа. Фер е да му се отстапи местото на некој на кој навистина му е потребно. Секако, ние не го применуваме ова правило. Односно, оставаме по неколку месеци родителите да одлучат и сме толерантни по ова прашање. Иако нашиот педагог редовно ги ажурира податоците. Односно, оди од група во група и врши прозивање кој е присутен, а кој не, и кој подолго време не доаѓа, и имаме забележано дека во речиси секоја група по едно-две деца не доаѓаат. Односно, го држат местото и не го отстапуваат на друг.
Неодамна имавме случај кога еден родител нè замоли дека му е неопходно место, па направивме дополнителна проверка, се јавивме кај родителите и имаше позитивен исход. Родителите на едно од децата што не посетуваат градинка го ослободија местото и излегоа во пресрет, па новото дете доби место во јасли – вели Георгиевска.
Во јасли најмногу се бара место
Родителите се врзани со договори со градинката, и директорката вели дека не сакаaт да прават големи проблеми, да се раскинуваат насилно договорите и да одат по судови, да се објаснуваат по ова прашање. Па едноставно оставаат на свеста на родителите.
– Не е во ред залудно да се држи местото. На некој навистина му е потребно. Но од досегашното искуство, реткост е некој самоиницијативно да го отпише детето – вели директорката на градинката „Срничка“ во Аеродром.
Директорката на градинката „Росица“ во Ѓорче Петров, Маја Ристовска, вели дека кога станува збор за место, најголем проблем се прави во групата јасли.
– За време на пандемијата, кога се правеа нови списоци, мораше да ги комуницираме старите членови, да ги ажурираме податоците за да се отстапи место за нови. Но и откако беа направени нови групи, пак некои не доаѓаат во градинка, па одвреме-навреме ги комуницираме родителите затоа што постојано некои деца чекаат на ред. И кога ќе им се јавиме, секогаш имаат изговори, ќе кажат од понеделник ќе дојде, по празниците, да закрепне, ако било болно детето, од следниот месец и слично. А, сепак, не ги носат децата во градинка и можеби не планираат да ги носат наскоро. Наше е да се јавиме за да прашаме, а оставаме на нив, не можеме да направиме ништо друго. Ако се коректни и совесни, сами треба да го отстапат местото – вели Маја.
912