Наставната функција одделенски, или класен раководител е многу важна и одговорна функција, како во училиштето така и надвор од него. Многу често, и во основно, и во средно училиште, се користи називот: класен/класна, наместо одделенски/одделенска.

Зошто е важна и одговорна оваа функција?

Затоа што наставникот кој води одделение, или клас, најпрвин, треба да има многу љубов, пред предизвикот со кој е соочен во тоа што го работи, како и неизмерно трпение во тоа што го води, а тие се учениците (или популарно кажано: моите деца, моето одделение, мојот клас итн.), а со нив доаѓа и педагошката евиденција во зголемен обем. Исто како втор родител на учениците, треба да покажува: грижа, внимание и разбирање за своите ученици, да знае да биде нивен другар, но и нивен строг и принципиелен наставник – педагог. Затоа што, мора да имаме предвид, дека имаме различни карактери на ученици, како и ученици со различни потреби. И тоа е навика и тактика. Само така е можен и очекуван бумеранг, како со учениците, така и со нивните родители.

Александар Адамовски

Во суштина, одделенскиот/класниот, не е само еден наставен час, тој е секој наставен ден, секој наставен час на училиште, во училишниот двор, во спортската сала итн. На тој час не се вадат и регулираат само изостаноци (оправдани и неоправдани), ами се води дискусија на предвидени теми за тоа како учениците да бидат подобри, поодговорни и попаметни во семејната средина, во училишната средина и воопшто во општественото опкружување. Да знаат да мислат и да критикуваат, односно да градат сопствени ставови и идеи. За мене лично, одделенскиот час отсекогаш бил исполнет час со дискусија и дебата за одредена тема или, пак, за одредена желба на учениците (макар и низ игра). Оттука, како ние, како наставници, ќе се поставиме со учениците, така тие ќе ни возвратат. Очекувањата треба да бидат на најзадоволително рамниште. Со максимален труд и огромна волја, и тоа го бидува. Чест е да се биде одделенски/класен раководител (знаат сите што посветено, доследно и безусловно ја сакаат и почитуваат наставничката професија), меѓутоа, и голема одговорност која низ годините на воспитание и образование треба да „израсне“ и „искали“ генерации со: знаења, умеења, вештини, култура и почитување, и најважно – со позитивни чувства. Односно, да извади од училишните клупи прави ученици, кои ќе достигнат максимална зрелост и кои ќе знаат да го трасираат својот личен и професионален пат. Најважен е првиот впечаток, а тој исто како и добриот глас, надалеку се слуша.

Колку значи оваа функција?

Многу значи затоа што одделенскиот/класниот раководител мора да има исклучителна контрола над своето одделение, односно над својот клас. Понекогаш, интуицијата навистина си го прави своето, очекувано, или не. Затоа, важи и Кодекс на однесување во рамките на училиштето, па и надвор од него (кој треба многу повеќе да се почитува), нели, тука се и одредени училишни и вонучилишни предавања како од здравствен, така и од социјален карактер, од кои треба да се извлечат морални поуки и пораки (макар, биле и онлајн, со актуелниот предизвик на настава). Таква е нивната цел, да се биде од придонес и корист за себе и за останатите. За виртуелниот онлајн-предизвик, во следна пригода.
Најважно: да се биде одделенски, односно класен раководител е ретка дарба. Не се учи, ами се носи со себе и се практикува, исто како да сте родени за неа. Благодарноста од неа е многу значајна во животот, бидејќи секогаш и секаде, се сеќавате на љубов и радост со која сте го поминале работниот век, а таа емоција е посебна, најмила и незаменлива. Доживување и искуство кое нема цена.
Не може секој да биде одделенски/класен раководител. За тоа треба, кратко и јасно: многу, многу љубов, грст позитивни емоции, и секако – авторитет. Само така мисијата ќе биде успешна!
Во оваа убава, празнична пригода, ги поздравувам сите мои ученици на кои сум им бил класен, каде и да се, како и поздрав до сите ученици и просветни работници.

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик



912

X