Игротека

На работа сте, а децата учат на далечина. Како да знаете дека се безбедни?

Ги оставате децата сами дома затоа што учат на далечина, а вие мора да одите на работа. Постојано сте загрижени и не знаете како да се организирате за сè да функционира барем до одреден степен.

Да бидеме искрени, дури и кога сте дома, работите не функционираат како што си замислувале, а камоли кога сте далеку. Како да знаете дали учат или само си седат пред компјутер играјќи „Мајнкрафт“ или гледајќи јутјуб-видеа?

Воопшто не сте сигурни бидејќи „Јутјуб“ е преполн со „креативни“ идеи што вашето дете сака да ги испроба, а на нив ретко пишува да не се обидуваат деца под 12 години.

Набавете табла на која ќе ги напишете сите правила и обврски што сте ги договориле со децата

Значи, далеку сте од дома, а тие се сами. Што да правите? Како да бидете сигурни дека сè ќе биде во ред? Еве неколку совети како да го поминете работниот ден барем малку помирно и можеби да се концентрирате на работата.

Најпрво, набавете табла на која ќе ги напишете сите правила и обврски што сте ги договориле со децата. Одредете ги правилата во домот и времето поминато пред екраните – сето ова направете го заедно. Децата прифаќаат договор полесно отколку наредба. На тој начин му давате до знаење на детето дека го почитувате, така што тоа со задоволство ќе ги прифати одговорностите.

Одредете одговорности и училиштен распоред за наредниот ден, а утврдете ги и паузите меѓу учењето и нивното времетраење. Ако децата имаат обврски како домашни задачи или шетање на миленичето, запишете им го тоа на табла. Често се случува да заборават.

Бидете сигурни дека имаат доволно храна и пијалак

Запишете ги сите контакти што треба да ги знаат во случај на несреќа. Нека ги имаат контактите за брза помош, пожарна, најблискиот сосед. Запишете го вашиот распоред и адресата каде ќе бидете, а покрај вашиот мобилен број запишете го и бројот на оние што можат да стигнат во вашиот дом ако вие не можете да се јавите. Објаснете им што е случај на „голема итност“ за да не ве повикуваат за неважни и банални ситуации, а вие контактирајте ги неколку пати на ден, но не премногу често.

Бидете сигурни дека имаат доволно храна и пијалак и сите материјали и апликации што треба да ги научат. На крајот на денот, организирајте посебен родителски состанок, разговарајте со вашите деца, кажете им ја вашата дневна рутина на работа и прашајте ги што правеле во текот на денот.

Обидете се да одите чекор понатаму и да ги научите да го вербализираат нивниот впечаток за денот – дали ги постигнале зацртаните цели за тој ден и што би можеле да направат во текот на наредниот ден за да бидат позадоволни. Поставете заеднички цели за наредниот ден. Не мора да одвоите многу време за оваа активност, доволни се 60 минути, но направете го тоа време забавно и интерактивно. Вашите деца ќе научат да ги кажуваат своите потреби и мислења и ќе бидат помотивирани да ги извршуваат задачите.

Извор

Поврзани написи

To top