Многу родители ја опишуваат својата прва средба со своето дете како љубов на прв поглед. А научниците денес потврдуваат дека промената што се случува во мозокот кога ќе добиеме бебе е многу слична на онаа кога се вљубуваме. Ова обично е поизразено кај младите мајки, чии мозоци почнуваат да се менуваат во текот на бременоста.

Љубовта и грижата ги почнуваат промените во мозокот

Докажано е дека промените се случуваат во различни делови на мозокот, се згуснува сивата материја, а мозочната активност се зголемува во областите одговорни за сочувство, вознемиреност и социјална интеракција. Благодарение на промените во различните, меѓусебно поврзани области на мозокот, како и напливот на хормони во бременоста и по породувањето, младите мајки се маѓепсани од своите бебиња. А со неописливата мајчинска љубов се јавуваат и силни заштитни нагони и постојана грижа.

Пилјонг Ким, истражувач на мозокот, вели дека многу мајки доживуваат симптоми на опсесивно-компулсивно нарушување, како што е прекумерно миење на рацете или постојано проверување дали бебето дише, во текот на првите месеци по раѓањето на бебето.

– Мајките во овој период многу размислуваат за работи врз кои не можат да влијаат. Тие цело време размислуваат за бебето. Дали бебето е здраво? Дали е болно? Дали е сито? Во мозокот на жените, како и кај животните по породувањето, се случуваат промени што поттикнуваат силна желба за грижа за своето дете – вели Ким.


Неколку меѓусебно поврзани региони во мозокот се одговорни за мајчинските чувства и однесување. Посебно место меѓу нив има амигдалата, збир на неврони во форма на бадем, поврзани со емоционални реакции како што се страв, вознемиреност и агресија. Во нормалниот мозок активноста во амигдалата се зголемува во неделите и месеците по раѓањето на бебето.

Истражувачите веруваат дека овој раст на амигдалата, поддржан од коктел од хормони, е поврзан со однесувањето на младите мајки и ги прави крајно чувствителни на потребите на нивното бебе. Истражувањата покажале дека активноста во амигдалата е поврзана со силните чувства на мајката кон сопственото бебе, во споредба со другите бебиња.

Наплив на љубовни хормони

Сето ова е поврзано и со хормоните што ја преплавуваат амигдалата, која сега има повеќе рецептори на хормони, како што е окситоцин, кој почнува да се лачи повеќе во бременоста и особено по породувањето, а потоа и за време на доењето.

– Промените се видливи и во хормоните и во мозокот. Нивото на окситоцин, кое е одговорно за воспоставување на врската помеѓу мајката и новороденчето кај сите цицачи, драматично се зголемува во текот на бременоста и по бременоста, а колку повеќе мајката се занимава со грижа за бебето, толку е поголемо нивото на окситоцин  – вели неврологот Рут Фелдман.

Промената што се случува во мозокот кога ќе добиеме бебе е многу слична на онаа кога се вљубуваме

Промените во мозокот на мајката се најголеми со првото дете, но не е познато дали мозокот некогаш се враќа во состојбата во која се наоѓал пред раѓањето. Но, важно е да се напомене дека овие промени не се видливи само кај мајката. Тие исто така може да се забележат и кај татковците, особено кај оние што се повеќе вклучени во грижата за бебето.

Извор



912

X