Институциите офлајн, зошто децата онлајн? Децата се иднината, образовајте ги! Луѓе сме, одговорете! Назад во клупи, сите 73 деца!… Со овие пораки утрово реагираа родителите на учениците од предметна настава во Основното училиште „Св. Климент Охридски“ во с. Миравци, Општина Гевгелија. Ученици и нивните родители се револтирани зашто не е дозволено да учат со физичко присуство во училиште кое ги исполнувало сите услови за тоа.
Тие пред неколку дена ги известиле Владата, министерката за образование и наука Мила Царовска и Општина Гевгелија дека очекуваат поддршка и да се преразгледа нивното барање за настава во живо. Во ова школо учат 123 ученици, а настава со физичко присуство е дозволена само до петто одделение.
– Ние, родителите на учениците од 6. до 9. одделение, сме крајно изненадени и изреволтирани од одлуката на комисијата за неодобрување настава со физичко присуство за споменатите одделенија. Нашето училиште вложи многу труд и финансии за да се исполнат сите услови за настава со физичко присуство и успеа совршено да го сработи тоа. Во училиштето е извршен инспекциски надзор на 17.09.2020 и, според записникот, сите подготовки за настава со физичко присуство се исполнети. Тоа што за нас е неприфатливо е што друга комисија во училиштето воопшто не дојде, а ние сме одбиени за настава во живо! Прашуваме врз каква основа ја донесовте оваа одлука? Наставата од овој тип за нашето училиште е најсоодветна и за учениците и за наставниците. Ние имаме современо големо училиште и услови за сите деца да се згрижат. Која е поентата децата да учат дома, а попладнето истите се дружат – велат родителите.
Советот на родители бара донесената одлука да биде повторно детално разгледана и да се даде дозвола за настава со физичко присуство.
– Голем процент од учениците реално немаат услови за онлајн-настава. Во одговорот што го добивме не стои никакво образложение за причината зошто сме одбиени – вели советот на родители на ова училиште.
Директорката на училиштето, Васка Ефтимова, ни потврди дека комисија не дошла во училиштето. На родителите им посочи дека ги извршиле сите обврски како училиште, но дека одлуката не ја носат тие. Таа ги замоли децата да се вклучат во онлајн-наставата.
Слични пораки вчера упатија родителите од Основното училиште „Борис Трајковски“ од с. Моноспитово, Струмичко. Во ова училиште со физичка настава ќе учат само од прво до трето одделение. Школото има вкупно 130 ученици.
Училиште „Борис Трајковски“, с.Моноспитово (фото: Јутјуб)
Спасе Киров е член во советот на родителите. Неговите три деца учат во ова училиште.
– Ние немаме услови за онлајн-настава, а имаме одлични услови во училиштето. Излеговме вчера пред училиште 50-60 родители и наставници и се радуваме што имаме поддршка и од нив. Имаме седум училници од по 56 квадрати, со три влеза и три излези, со четири тоалети. Донесовме одлука, сè додека нашето барање не се прифати, нема да ги пратиме децата на школо. Имаме 3 влеза, 3 излеза, 4 тоалети. Комисија воопшто нема дојдено, а не го одобруваат физичкото присуство – вели Киров.
И средношколците од гимназијата „28 Ноември“ од Дебар денеска го бојкотираа почетокот на учебната година. Тие бараат настава со физичко присуство. Директорот Рамадан Имери за МИА вели:
– Сите професори точно навреме беа во кабинетите, подготвени за почеток на онлајн-наставата. Ги вклучија компјутерите, но за жал од другата страна не се вклучи ниту еден ученик. Дополнително на тоа, нам, како управа, ни најавија дека утре заедно со нивните родители ќе протестираат пред гимназијата – вели Имери.
912