Нема услови за дневен престој, колку и да сакаме да им излеземе во пресрет на родителите, велат директори на скопски училишта
И едно дете да е, треба да се згрижи. Родители на деца од прво до трето одделение се револтирани што државата не обезбедува дневен престој за нивните деца во новата учебна година. Откако Владата ја укина мерката за ослободување од работа на еден родител од семејството на дете до десет години, социјалните мрежи вријат со ставови на родители и прашања – кој ќе се грижи за децата од 6 години, на пример, по часовите?
– Ако со новава одлука сакаат да дадеме отказ од работа за да си ги чуваме децата дома и да нѐ довeдат до раб на егзистенција, тогаш подобро нека ги отворат училиштата на 23 септември, со целодневна настава, па можеби некој ќе преживее. Не отвораат училишта, а нè враќаат на работа, веќе не знаат каде тераат – вели загрижен родител.
На нашето прашање до Министерството за образование и наука дали има услови да им се излезе во пресрет на родителите и на децата и да им се посочи на училиштата да организираат дневен престој, ни одговорија:
– Пандемијата нѐ научи дека не се можни исклучиви решенија. Неопходен е баланс меѓу зачувувањето на здравјето, одвивањето на работниот процес и одвивањето на наставата. Комисијата за заразни болести предлага, а Владата одлучува за враќање на одредени категории работници на работа. Учебната година ќе се реализира согласно протоколите одобрени од Комисијата за заразни болести, каде што е предвидено времетраењето на наставата.
Неодамна и првата детска амбасада „Меѓаши“ реагираше на одлуката за враќање на работа на родителите на деца до 10 години.
– Во услови кога сè уште не се јасни начините како ќе се продолжи образовниот процес, бројот на заразени случаи сè уште нема тренд на опаѓање, изменети услови на учење без разлика на изборот – со физичко присуство или онлајн, сметаме дека одлуката е неконзистентна со претходните одлуки и премногу е краток рокот за да им се овозможи на родителите соодветно да се организираат. Загрижени за благосостојбата на децата, реагираме од следните причини: на децата на училишна возраст, особено на првачињата, им е неопходно присуство на еден родител и во случај на онлајн-настава и во случај на посета на наставата со физичко присуство. Децата ќе поминуваат значително помалку време на училиште и поради работниот ангажман на своите родители, може да се најдат во ситуација сами да поминуваат повеќе часови во своите домови. Стресот предизвикан кај родителите со оваа нагла одлука ќе има последици врз севкупниот семеен живот, што пак ќе се одрази повторно врз децата – велат од „Меѓаши“.
Директори на скопски училишта се скептични дека има услови за организирање дневен престој. Главен проблем е немањето доволно кадар.
Во Основното училиште „Блаже Коневски“ во скопската населба Аеродром годинава се запишани пет паралелки првачиња. Директорката Сузана Настовска објаснува дека нема доволно кадар во училиштето за да може секој наставник да останува со децата и по часовите или да се ангажира друг наставник.
– Без разлика колку и да сакаме да им излеземе во пресрет на родителите, дневниот престој не е изводлив, со сите протоколи што се донесени и кои ќе ги применуваме. Прво, треба да им обезбедиме топол оброк на учениците, а за тоа немаме услови. Немаме услови да ги згрижиме сите деца што имаат потреба од дневен престој, па кое ќе го примиме, а кое не? Сите сме загрижени, треба само да се погледне што се случува надвор, по паркови, на игралишта, никакви маски и почитување на мерките – вели Настовска.
Училиштата немаат доволно наставници за да се воведе дневен престој, вели Златко Тапчановски, директор на училиштето „Св. Климент Охридски“ од Бутел.
– Еден наставник најверојатно ќе работи со две групи деца, не можеме да ги ангажираме дополнително и за дневен престој. Плус, во нормални услови, дневниот престој на едно место ги собира сите деца од прво до трето одделение, а сега, по протокол не смеат да се мешаат ниту децата од едно одделение чиј број надминува 20 – вели Тапчановски.
912