„Доењето основа на живот“ е годишното мото на Светската недела на доењето кој традиционално се одбележува од први до седми август
Доењето го подобрува физичкото здравје. Со самото доење детето внесува здрава храна уште во првиот ден од животот, го подобрува имунитетот и се намалуваат шансите за добивање алергија. Исто така, преку доењето се подобрува и севкупното здравје, а за децата се помали се шансите да заболат од хронични болести, дијабетес и астма, истакнува д-р Бранкица Младеновиќ, претседател на Комитетот за промоција, поддршка и за заштита на доењето при Министерството за здравство, како и раководител на Заводот за здравствена заштита на мајки и деца.
Подобра интелигенција кај детето
Мајчиното млеко е добро за социјалниот и когнитивниот развој на детето, но и за психичкото здравје кај мајката. Исто така, доењето ја зајакнува и поврзаноста помеѓу мајката и детето.
-Доењето освен што е важно за мајката и детето, важно е и за целото општество затоа што преку него се намалува стапката на смртта на доенчињата, а ја чува и природата, бидејќи се намалува отпадот кој што се создава од вештачките млека – вели Младеновиќ.
Светската здравствена организација препорачува со доење да се почне еден час по раѓањето на детето, најмалку до неговиот шести месеци. Со воведување цврста храна се продолжува и доењето до втората година или повеќе.
Дојат ли мајките во Македонија?
На прашањето дали Македонките дојат Младеновиќ вели дека генерално состојбата не е лоша односно дека нашите мајки дојат, меѓутоа не постојат понови податоци од оние спроведени во 2011 година. Според податоците, 23 отсто од мајките дојат екслузивно, 41 отсто дојат предоминантно, односно освен мајчино млеко, им даваат и други течности на бебињата. Просечната стапка на доење во светот е околу 30 отсто.
Сепак педијатрите велат дека треба да се подобри стапката на доење, односно дека треба уште многу да се работи на тоа поле.
На мајките неретко им треба поддршка кога станува збор за доењето. Младеновиќ вели дека мајката треба да има психолошка поддршка, да знае како да го воспостави доењето, како правилно се дои, а доколку се јави некој проблем треба да и се помогне за да го надмине и да не се откаже. Многу често, наведува Младеновиќ, мајките при најмал проблем се откажуваат од доењето и тоа е една од главните причини за ниската стапка на мајките кои дојат.
912