Големата експлозија што се случи во главниот град на Либан уништи голем дел од инфраструктурата, најмалку 135 лица загинаа, 5 илјади се повредени, а дузина исчезнати. Првите фотографии од Бејрут покажуваа разурнат град откако големи количини амониум нитрат експлодираа на пристаништето, а материјалната штета е огромна во радиус од неколку милји.
Фотографија на која се гледа медицинска сестра која во рацете држи 3 новороденчиња по експлозијата стана вирална – фотографијата претставува симбол на храброст и надеж.
– 16 години медиумски фотографии и многу војни. Можам да кажам дека не го видов она што го видов денес – напишал фоторепортерот Билал Џавич кога ја споделил оваа фотографија на „Фејсбук“. „Оваа хероина ја видов во болницата и таа брзаше да оствари повик и покрај испрекинатата комуникација, а во рацете држеше 3 новороденчиња, иако беше опколена од голем број повредени лица“.
Џавич изјавил за „Си-ен-ен Арабик“ дека „професионалната интуиција“ го довела до болницата „Ал Роум“ во Бејрут по експлозијата. Тој ја видел медицинската сестра со трите бебиња во нејзините раце, во оштетената болница. Според него, неколку мртви тела и неколку повредени лежеле во близина, остро прикажувајќи го контрастот на симболот за живот кој го претставуваат новороденчињата. На крајот, окото на Џавич било насочено кон однесувањето на сестрата и начинот на кој таа успеала да се справи со предизвиците во тие тешки моменти.
фото: Bilal Marie Jawich/Facebook
– Забележав дека сестрата е смирена, што беше контраст на околната атмосфера на само 1 метар. Сепак, сестрата изгледаше како да поседува скриена сила која ѝ даваше самоконтрола и способност да ги спаси тие деца. Луѓето се бореа со насилните и темни околности, а оваа сестра беше на висината на задачата – изјавил фоторепортерот.
Сестрата, идентификувана како Памела Зеиноун, изјавила дека приоритет ѝ била грижата за бебињата и нивната безбедност.
– Успеав да ги носам сите 3 во моите раце, а мојата колешка носеше уште 2. Најважно ми беше тие да бидат на безбедно бидејќи се многу слаби – изјавила таа. Медиумите објавиле дека сестрата излетала од породилното одделение кога се случила експлозијата.
Портпаролот на болницата истакнал дека сите новороденчиња и нивните мајки биле префрлени во други болници, кои биле помалку оштетени.
Автор: Морган Бринли
912