Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете има 5 години и е единец. Со сопругот, веќе една година, размислуваме да го прошириме семејството, меѓутоа наидовме на отпор на таа идеја од негова страна. Тој е дете кое досега немало толку цврст став за ништо друго. Пробавме на сите можни начини да му укажеме дека доколку има уште едно дете во семејството и не е така лошо како што тој мисли, дека ќе биде забавно, ќе има постојано друштво, дека нема да се намали нашата љубов кон него и времето кое го минуваме заедно, но се уште наидуваме на истите одговори: „Јас сакам да бидам сам”, „Сакам да си играте само со мене”, „Бебињата не се интересни, досадни се” и слично…

Морам да напоменам дека не оди во градинка, меѓутоа не е дете кое е себично и кое сака да биде центар на светот во друштво, дури напротив. Сака да се дружи со други деца, склопува пријателства прилично лесно со деца и на помала и на поголема возраст и во текот на игра прифаќа сугестии и се прилагодува, па затоа ме чуди овој негов став во однос на второ дете. Знам дека не можеме да очекуваме сите деца да бидат ентузијасти кога станува збор за нов член во семејството, посебно не на негова возраст заради тоа што тој е доста свесен за промените кои ќе настанат што дури и ме изненадува бидејќи немал увид во таква ситуација (новиот член го окупира времето и вниманието, па првите деца се малку запоставени и развиваат љубомора и негативни чувства). Повеќето блиски со кои сме во контакт имаат по едно дете, а оние што се со две се деца кои ги обожаваат своите браќа/сестри).

Би сакала тоа отсечно „не” да омекне и со текот на времето да прифати. Се плашам што уште сега има такво незасновано, негативно мислење и неодобрување. Што ќе биде кога ќе се роди бебето и ќе се соочиме со реалноста? Ве замолувам за совет, како да се пристапи на проблемот сега, а и во иднина доколку има принова.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Прашањата кои веднаш ми доаѓа да ви ги поставам за да го отворам овој мој одговор е дали вие со сопругот навистина сакате да имате второ дете? На кое место од животот лично и професионално се наоѓате? Дали второто дете би се појавило во соодветен период од вашиот живот? Што е она што ве загрижува?

Од она што го пишувате претпоставувам дека стравувате како тоа се уште неродено второ дете би било прифатено од вашето прво дете, поради неговиот јасен став дека не сака да има братче и сестриче. Неизбежно е да ве прашам, но, од кога децата одлучуваат во семејството во однос на ова прашање а притоа нивниот одговор се зема за исклучително битен и одлучувачки? Ако вашето дете одлучува за прашање кое е во ваша одговорност, каква моќ одговорност и авторитет му давате на вашето прво дете? Помислете како и зошто ја губите одговорноста на родители да одлучувате за вашето семејство, за неговиот број, динамика, улоги и одговорности?

Проверете во вашата потреба да имате второ дете, наместо да се раководите од одговорот на вашето дете кои има само пет години и го нема ниту искуството ниту капацитетот да ви даде соодветен одговор на ова прашање. Дали можеби во вашето минато како деца имате слично лошо искуство со вашите браќа, сестри, кои можеби со нивното доаѓање ви го отежнале животот, или можеби од оваа возрасна перспектива ви изгледа дека можеби подобро ќе било да ве прашаат.

Децата на таа возраст немаат капацитет соодветно да реагираат и да ви одговорат затоа што неможат да претпостават што значи да се живее живот со помал брат и/или помала сестра. Кога велите децидно и јасно го кажува својот став, а е единствено дете на кое му е дадено сета љубов и внимание нормално е тоа да стравува дека сето ова ќе му биде одземено. Ако продолжите да го прашувате вие го правите ова прашање најбитното во неговиот живот, животоодлучувачко и се ставате во улога на некој кој ненамерно го штити од негативните искуства, во овој случај второто дете. Таа порака му ја праќате кога постојано го прашувате и разговарате со него. На тој начин ако не сте создале, сигурно ќе создадете одбивност за нешто што реално не постои сега, туку е претпоставена закана во иднината.

Децата се многу прилагодливи на промените, многу повеќе од возрасните. Можеби вие не сакате да погледнете во промените што ќе настанат кај вас како родители, и која одговорност второто дете би ви донело вам и во вашиот живот?

Размислете, погледнете во можностите и желбите кои ве опкружуваат и одлучете. Но одлучете само вие возрасните. Оставете ги децата да го стекнат и развијат искуството и мислењето тогаш кога реално се случува. Верувам дека доколку одлучите да имате второ дете, вашето дете многу побрзо и поефективно би се прилагодило. Неговото прилагодување зависи од значајноста или стравот кој вие го надодавате или проектирате во неговото сфаќање на ситуацијата.

Секако доколку ви треба психолошка поддршка околу донесување на адекватна одлука, Ви препорачувам да исконтактирате психолог со кој ќе погледнете во сите ваши желби и ограничувања, стравови и забрани да донесете зрела родителска одлука.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X