Стрептокока во грлото е нормален дел од детството. И додека предизвикува непријатност, симптомите обично исчезнуваат по првите неколку дози на антибиотици. Но, за мал број деца оваа инфекција предизвикува невообичаени промени во однесувањето, познати како ПАНДАС-синдром: детско автоимуно невропсихијатриско нарушување поврзано со стрептококни инфекции (Pediatric Autoimmune Neuropsychiatric Disorders Associated with Streptococcal infections). Кога детето има стрептокока во грлото, неговиот имунолошки систем произведува антитела за борба против оваа бактерија. Но, во случај на ПАНДАС, овие антитела може да ги нападнат и молекулите во мозокот.

Состојбата, која може да влијае врз приближно 1 на 200 деца или 1 на 500 деца, главно се карактеризира со опсесивно-компулсивно нарушување, тикови и драматично влошување, вознемиреност и агресија, според Националниот институт за ментално здравје. И се манифестира прилично брзо. Типично, опсесивно-комплусивното нарушување се развива низ годините или месеците, но кај ПАНДАС симптомите буквално почнуваат преку ноќ. Може да е прилично страшно, но откако на вашето дете ќе му биде дијагностициран ПАНДАС-синдром и ќе почне со третман, веројатно на крајот целосно ќе закрепне. Исто така, важно е да се напомене дека само затоа што вашето дете има стрептококна инфекција од групата А, тоа не значи дека автоматски ќе доведе до ПАНДАС.

Еве што друго треба да знаете за ПАНДАС-синдромот.

Симптоми

– Знаци на опсесивно-комплусивно нарушување, тикови или и двете;
– Вознемиреност при разделување, страв и напади на паника;
– Постојано врескање, раздразливост и чести промени на расположението;
– Емоционална и развојна регресија;
– Визуелни и аудитивни халуцинации;
– Депресија и самоубиствен мисли;
– Чувствителност на светлина, звук и допир;
– Влошување на малите моторни вештини или лош ракопис;
– Хиперактивност или неможност за фокусирање;
– Проблеми со спиењето;
– Одбивање да јаде;
– Болки во зглобовите;
– Често мокрење и мокрење во спиење.

Дали секој може да го развие овој синдром?

Се смета дека ПАНДАС е детско нарушување и обично се појавува во детството, од 3-тата година до пубертет. Реакции на стрептококна инфекција се ретки по 12 години, но истражувачите велат дека ПАНДАС може да се појави, иако ретко, и кај тинејџери. Малку е веројатно дека некој возрасен ќе ги доживее овие невропсихијатриски симптоми, иако ова не е целосно проучено.

Опции за третман на ПАНДАС

Најдобар третман за акутни епизоди на ПАНДАС е лекување на стрептококната инфекција што предизвикува симптоми. Вашиот лекар може да препише пеницилин, амоксицилин, азитромицин или друг антибиотик. Третманот за симптомите на опсесивно-комплусивно нарушување и други форми на силна вознемиреност е когнитивна терапија во однесувањето и антидепресивни лекови, селективен инхибитор за серотонин. Нарушувањата на тиковите често се лекуваат со најразлични лекови.

Други терапии, како плазмафереза (постапка што отстранува антитела од крвта) и/или интравенски имуноглобулин, што често се користи за лекување на автоимуни нарушувања, можат да бидат опција за третман на ПАНДАС. Но, овие третмани се за сериозно погодени деца кои не реагираат на други терапии.

Закрепнување

Иако може да потрае, повеќето деца што имаат ПАНДАС целосно закрепнуваат со третманите. Симптомите се подобруваат во текот на неколку месеци откако ќе ја нема инфекцијата, но може да има подеми и падови. Плус, ПАНДАС може да се врати ако вашето дете повторно добие стрептококна инфекција.

Автор: Грета Глори Басталино

Извор



912

X